Над 600 маскирани граѓани беа дел од големото карневалско дефиле во центарот на Прилеп во рамките на карневалските свечености што се одржуват за Прочка, годинава по 23-ти пат. На карневалот учествуваа луѓе од сите возрасти, не само од Прилеп, туку и од повеќе други градови од Македонија. Продефилираа и современи и традиционални маски – веселите пирати од Пробиштип, Клеопатра од Куратица, Арката на дедо Ное, ангели и демони и многу други.

Големото карневалско дефиле го предводеа прилепските мечкари- заштитната маска на карневалот. – Мечкарите се тука да ги избркаат злите духови. Ги бркавме и ќе продолжиме додека сите не ги избркаме. Вековната традиција која ја воспоставија касапите и еснафот продолжува зашто имаме подмладок. Во Прилепските мечкари се преку 45 возрасни и пет мали, до петгодишна возраст. Ниту дождот, ниту ветрот не може да ги запре мечкарите. А дождот е како знак дека треба да ги исчистиме и да си ги простиме големите гревови, изјави Тони Павлески од здружението „Прилепски мечкари“.

Градоначалник Борче Јовчески, кој им се обрати на присутните, го нагласи чинот на простување на Прочка. Тука сме да подариме љубов и разбирање, да простиме за сторените гревови и да ни се прости. Карневалската традиција во Пирлеп е вековна и ја одржуваме, порача Јовчески.

До вечер стручното жири ќе ги прогласи најдобрите маски на годинашниот карневал, а утре, на Чуст понеделник кога почнувата постите, здружението „Прилепски мечкари“ традиционално поканува на посен грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај прилепското село Присад.Дел од тридневните карневалски свечености во Прилеп беше и изложбата на повеќе од 800 маски на учениците од прилепските училишта и презентацијата на прочкарските обичари- амлање јајце.
