Либерално-демократската партија предлага враќање на мерката Викенд без ДДВ, како мерка која можe да ја покренe економијата и да даде значителен инпут во подобрувањето на македонската економија. Оттаму потсетуваат дека Викенд без ДДВ е предлог на ЛДП вметнат во партиската програма уште во 2012-та година и беше мерка од претходната влада која додека беше активна, покажа добри резултати.
Предлагаме новиот Викенд без ДДВ да има две варијанти. Првата – да се воведе на ниво на целата држава и втората, да се воведе во одделни градови за определени денови, значајни за конкретниот град (викенди, пазарни денови, локални празници итн)”, изјави Љубен Аврамовски, портпарол на ЛДП и потпретседател на Либерално-демократската младина.
ЛДП бара мерката Викенд без ДДВ да се воведе пред почетокот на школската година, но и пред Велигден, на цела територија на државата.
Со повторното воведување на оваа мерка граѓаните добиваат поевтини цени, трговците добиваат поголем викенд промет, производите ќе бидат поевтини од 5 до 18 %, а целата економија се освежува и добива нов импулс. Намалените државни приходи ќе бидат незначителни во споредба со ефектот кој ќе се постигне од зголемената потрошувачка и кој неколкукратно ќе биде надоместен, посочува Аврамовски.
Аврамовски предлага одредени градови за одредени празници, за време на кои имаат голема посетеност и голем број на туристи однадвор, треба да воведат вакви викенди со цел да се зголеми туристичката понуда и да се привлечат поголем број на гости, како на пример во Охрид за Водици, во Берово на Богородица, во Струмица за време на карневалот и слично.