Македонци по непријатната средба Трамп-Зеленски: Украина е нападната од Русија, Украина се брани од агресија. Интересот и на Украина и на Европа и на Америка е Русија да ја прекине агресијата и да се воспостават механизми што ќе спречат следна агресија. За тоа е потребна одлука на Москва, а не на Кијив. Жалам што, како и при почетокот на агресијата врз Украина, македонските политичари одбраа да молчат – пред 3 години за агресијата, денес за потребата и европските напори за постигнување праведен, гарантиран и траен мир. До таа цел ќе се дојде со транс-атлански пристап. Американската администрација по средбите со Макрон, Стармер и Зеленски сега знае дека за тоа:
– Европа е подготвена да го носи својот дел од „товарот“ и
– до целта нема да дојде со притисок „жртвата да го засака својот насилник”.
Улогата на САД за таа цел е огромна, исто како што во процесот подеднакво значење имаат (водечките членки на) ЕУ и Обединетото Кралство. Не само воено, туку економски, финансиски, технолошки и ресурсно. Ова намерно го игнорираа владејачките функционери со гласањето во ОН:
– спротивставувајќи се на позициите на ЕУ и ОК, за да ја проектираат уште еднаш Северна Македонија во „расположлив трн“ во чевелот на Европа и
– одработувајќи за расцеп во транс-континенталната безбедносна политика и за спречување на континенталното одбранбено компримирање. Ова го премолчуваат и функционерите во парламентарната опозиција, надевајќи се дека со молчење ќе можат да им се допаднат на сите.
Оние што сакаат да им се допаднат на сите – на крајот не му се допаѓаат никому.
Нашата следна цел е европската – и тоа е познато од обете страни на Атлантикот. Оттука, прашањата до македонските политичари се: Отстапувате од неа? Во меѓусебен договор?
Во Украина се води првиот конфликт на европско тло по Втората светска војна, во пост-глобализационен свет во кој веќе цела деценија се уредуваат односите во следните децении на светските, континенталните и регионалните фактори, но и на секоја од нациите, согласно нивните афилијации.
Досегашната помош за Украина од САД е околу 120 милијарди долари, од ЕУ е околу 160 милијарди евра. Да, за нивно враќање Украина ќе гарантира (и) со своите суровини. Исто како што Русија ќе мора да ја компензира нанесената штета со агресијата. Но, да не забораваме дека помошта (повратна и бесповратна) има за цел одбрана до постигнувањетраен мир – за превенција на идни конфликти. Додека молчите, политичари и државни функционери во Северна Македонија, не заборавајте дека Украина не смее да биде оставена сама на себе пред Кремлинската агресија: по Украина, на ред е Молдова и потоа Источна и Југоисточна Европа. Или немате проблем со тоа?