Денска на 69-годишна возраст почина директорот на Гранд продукција Саша Поповиќ. Многумина се сеќаваат дека тој беше член на групата „Слатки грех“ во кој регионалната ѕвезда Лепа Брена ја започна својата блескава кариера. Саша Поповиќ во една прилика откри каков бил нејзиниот почеток во поп музиката. „Се јавував во сите музички агенции низ тогашна Југославија, никој не можеше да ми препорача пејачка“, зборуваше Поповиќ. „Тогаш еден пријател ми кажа дека во Брчко има пејачка која, додуша, пее само во сабота на забави и тоа рок. Кога се појави со кадрава коса, пеги, како Џенис Џоплин, сè ни се урна“, се сеќаваше креативниот директор на „Гранд“.
„Се испостави дека Брена не знае и не пее народни песни, пробата не звучеше како што треба. Следниот ден сепак дојде на нашиот настап и кога Спаса запеа рок песна, Брена ѝ го грабна микрофонот и ѝ покажала како таа го прави тоа. Оркестарот ме убеди дека Брена може да биде замена за тогашната пејачка Спаса. Но, морав да одам и да побарам дозвола од нејзиниот татко за да почне да пее со нас. Се испостави дека нејзиниот татко не сакаше ни да слушне за тоа.“ Сепак, неколку дена подоцна Брена ја прифатила понудата на Саша. „Побегна од дома!“, низ смеа раскажуваше Поповиќ. „Кога ја видел менаџерот на хотелот, се шокирал“, вели Саша.
„Ми рече дека има 80 килограми, ама ми изгледаше како да има 180. Сивиот куфер, врзан со јаже, беше полн со облека што не беше соодветна за настап. Неколку дена оркестарот свиреше без пејачка, а Брена ги учеше песните. Знаеше да испее три песни, но учеше со неверојатна брзина. Баш кога требаше да почне да настапува, се вмеша „виша сила“ – поради смртта на Тито беше прогласена неколкудневна жалост. Потоа дојде кај мене и побара една плата однапред. Бев изненаден, но се согласив да ѝ ги дадам парите. Отиде во Нови Сад и се врати како друга жена. Нова фризура, нова облека, сè изгледаше поинаку. Додека траеја деновите на жалост, оркестарот ги вежбаше песните, а новата пејачка беше на диета. Кога прв пат излеговме на сцената заедно, менаџерот на хотелот беше изненаден. Така почна Лепа Брена“, раскажуваше Поповиќ за почетоците на Лепа Брена.