Ова е лекција како се работи профитабилно. Ја покажа македонската фабрика за производство на цемент во доминантно грчка сопственост, УСЈЕ Титан. Усје ги објави своите финансиски извештаи, а Билансот на успех говори дека таа компанија минатата година ја завршила со чист профит од 30,8 милиони евра. Што, пак, во однос на претходната 2023 година е раст за дури 25 проценти. Оперативните приходи на компанијата се 103 милиони евра и тие се намалени за незначајни два отсто во однос на претходната година. Приливите од продажбите на домашниот пазар се во пораст, а има благо затајување кај продажбите на странските пазари.
Но, затоа е фасцинантено намалувањето на расходната страна, што значи домаќинско работење, а тоа донело вкупни оперативни расходи од нецели 68 милиони евра, што во однос на 2023 година е намалување за 14 отсто. Тоа всушност ја прави и големата добивка, а и нејзиниот раст, а тоа е редуцирање на трошоците, на што секако дека погоди и намалувањето на цените на енергенсите во претходната година. Всушност, најголемиот трошок, а тоа се трошоците за суровини и материјали, кои сочинуваат околу половина од расходната страна, се намалени за 17 проценти. Вреди да се истакне и дека трошоците за вработените се зголемиле, за 5 отсто, и всушност лани за своите вработени цементарницата потрошила 6,1 милиони евра.