Како доказ во прилог на кривичните пријави за вакви дела, задолжително ќе се доставува до Јавното обвинителство и целосна прекршочна и кривична евиденција за осомничениот, која треба да ги содржи сите поднесени прекршочни и кривични пријави и сите издадени платни налози за лицето. Имајќи ги предвид статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи кои укажуваат на зачестеност на прекршочните и кривичните дела од областа на сообраќајот, претставници на Основното јавно обвинителство Скопје се состанале со полициски служби од СВР Скопје, на кои им издале конкретни насоки за поефикасно постапување при ситуации на загрозување на безбедноста во сообраќајот, а во кои настапиле последици кои содржат обележје на кривично дело.
„Насоките налагаат задолжително итно постапување во ситуации кога при сообраќајна несреќа кај возачот/возачите е констатирано управување со возило без возачка дозвола (воопшто не е издадена), поминување на вклучено црвено светло на семафор, очигледна прекумерна брзина, состојба на пијанство, возење во спротивна насока, како и преминување на двојна полна линија. Итна постапка ќе се води и во ситуации каде возачот го напуштил местото на несреќата и не укажал помош на повредени пешаци или други лица. Итното постапување на полициските служби во вакви ситуации ќе му овозможи на јавниот обвинител да изврши проценка дали и со какви мерки треба да го обезбеди сторителот во текот на кривичната постапка и да ги заштити граѓаните од евентуално повторување на неговите дејствија“, наведено е во соопштението на Обвинителството.