Заедно со раководителот на сектор за аналитика во ЦУК Стевко Стефаноски, вчера и денес (24 и 25 фебруари 2025) учествуваме на Конференција за климатски фискални ризици, која се одржува во Виена, Австрија. Оваа конференција ги обединува водечките експерти од Светската банка, ММФ и ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој – Organisation for Economic Co-operation and Development) како и претставници од различни земји, за подобрување на механизмите за управување со климатските ризици. Македонија, како земја која веќе се соочува со климатски предизвици како шумски пожари, суши, поплави и екстремни временски услови, мора да преземе проактивни чекори за подобро фискално и институционално управување со овие ризици.
Од особена важност беше панел – дискусијата за климатските импликации на Западен Балкан, каде што се разгледаа можностите за регионална соработка и размена на искуства во справувањето со климатските предизвици. Овој настан е од огромно значење за Македонија бидејќи ни овозможува да ги примениме најдобрите глобални практики во развојот на стратегии за намалување на климатските фискални ризици и подобрување на нашата подготвеност за идни кризи.