На социјалните мрежи се појави видео каде возило со штипски регистарски таблички вози по магистрален пат, а на возилото се гледа како под багажникот виси тело на мачка.
Граѓанската асоцијација Ние за благосостојба на животните поднела пријава против лицето Н.Н, кое во текот на вчерашниот ден врзало мачка за своето моторно возило и на тој начин ја превезувало на отворен пат. – Ова не е прв, ниту изолиран случај, каде што лица на ваков начин непотребно изложуваат животни на страдање. Непрепознавањето на овие дејствија како обележја на кривичното дело „Убивање и мачење животни“ и притоа нивно нормализирање од страна на полициските службеници, а следствено и јавните обвинители, е основната причина зошто овие лица најчесто поминуваат неказнето – велат од Асоцијацијата.
Оттаму велат дека бројот на сторители на вакви кривични дела е помал од бројот на пријавените кривични дела. – Од досегашната официјална статистика со која располага граѓанската иницијатива Ние за благосостојба на животните/We for Animal Welfare, може да се утврди дека бројот на сторители на ова кривично дело е помал од бројот на пријавени кривични дела, што значи дека дел од сторителите се повторуваат. Моменталната казнена политика за ова кривично дело не ги обесхрабрува сторителите од повторување на истото – напишаа во нивната Инстаграм објава. Во нивната објава стои дека бараат итно постапување од страна на надлежните институции и преземање соодветни дејствија, за кои ќе биде известена и јавноста.