Д-р Магнус Оман, виш советник за политички финансии при Меѓународната фондација за изборни системи, одржа брифинг со новинарите во рамките на проектот„Парите, медиумите и изборите во Северна Македонија“. Се зборуваше за проблемите со политичкото финансирање во онлајн сферите, каскањето на законот зад технологијата, но и добри практики што може да се применат во иднина, пренесуваме текст во целост од Вистиномер. Пишува: Матеј Тројачанец Онлајн рекламите требаат да имаат т.н. (дигитални) отисоци, како би можело да се следи кој плаќа за тие реклами, за или против кого се наменети. А, ваквите отисоци од рекламите не само што треба да содржат што е можно повеќе информации и детали, туку треба и да бидат собрани во соодветни датотеки и како би можело да има поголема транспарентност и би можело истите полесно да се следат. Ова беа некои од заклучоците коишто д-р Магнус Оман, виш советник за политички финансии при Меѓународната фондација за изборни системи (IFES), ги сподели на денешниот брифинг со новинарите во Скопје, организиран од Фондацијата Метаморфозис и IFES, во рамки на проектот „Парите, медиумите и изборите во Северна Македонија“. Д-р Оман даде компаративна перспектива на политичко рекламирање низ светот, како и некои од добрите практики, велејќи:
Платеното онлајн финансирање, како што е очекувано, претставува најголем дел од политичкото финансирање за време на изборите. На пример, само последните два месеци од минатогодишните претседателски избори со САД беа потрошени 700 милиони долари и тоа само на Мета и Гугл, од вкупните 1.2 милијарди што биле потрошени за оналјн рекламирање за време на кампањата. Д-р Оман нагласи дека не треба да се земе една држава како пример и целосно да се препише системот, законот за пријавување на финансиите, особено затоа што, според него, многу од регулаторните рамки и закони доцнат зад новите начини на политичко рекламирање. Тука го издвои примерот на Доналд Трамп кои за претседателските избори имал одвоено помалку средства за политичко рекламирање и повеќе се осврна кон инфлуенсерите и интернет коментаторите. Токму за ова зборуваше и Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на минатонеделната панел дискусија. Таа посочи дека медиумската регулатива ги опфаќа инфлуенсерите што споделуваат видеа на онлајн платформите со цел да ги информираат, забавуваат или едуцираат корисниците, и од тоа остваруваат економска добивка. А со новиот правилник што Агенцијата треба да го донесе оваа година, ќе се прецизираат критериумите за тоа кои инфлуенсери ќе бидат предмет на законска регулација
„Доволно е во [изборниот] законик да се спомене онлајн рекламирање“ вели д-р Оман, со што ќе се даде соодветен надзор и со тоа ќе им се даде можност на регулаторните комисии може да го појаснат каков би било начинот на пријавување и известување за средствата на онлајн рекламирањето, што би се рачунало како онлајн политичко рекламирање, а што не.
Д-р Магнус Оман (Фото: лична архива)
Исто така, тој потенцира дека не се само „државите“, односно политичките субјекти, должни да бидат максимално транспарентни за рекламното финансирање, туку и самите платформи и огласници каде се пласираат овие реклами. Со други зборови, колку средства одвоиле кандидатите, колку и од кого имаат добиено платформите. Тој потенцира дека ЕУ регулативите дури сега ќе треба да се усогласуваат меѓу земјите членки, особено заради тоа што и самите имаат различни закони за политичко рекламирање. Така, ќе се мониторираат усогласувањето сите членки посебно, а ЕУ комисија ќе го прави мониторингот во земји кандидати како С. Македонија.
Понатаму, д-р Оман сподели и неколку добри практики што е добро да се применат. Неколку пати беа нагласени т.н. (дигитални) отисоци или imprints, со кои би можело да се следи кој колку плаќа за тие реклами, за или против кого се наменети. Ваквите отисоци би се собирале во некакви датотеки, слично како библиотеките на реклами на Мета и Гугл. Како позитивен пример што наликува на ваков систем беше издвоен „Political Advert Repository“ (Складиште за политички реклами) или PADRE од Јужна Африка. PADRE всушност e иницијативна на јужноафриканската изборна комисија што цели да ги систематизира токму онлајн и дигиталните политички реклами во лесно достапни библиотеки, кои ќе ја зголемат транспарентноста во изборните процеси.
Фото: Скриншот од јужноафриканската библиотека на политички реклами, PADRE
Иако, како што сподели д-р Оман и како што може да се види од самата веб страница, библиотеката е празна и допрва треба да се наполни, целта е да се овозможи што полесно и побрзо да се постигне процесот. Ова е втората препорака за добра практика што д-р Оман ја сподели. Тој смета дека овој процес на известување за политичкото рекламно финансирање треба да се направи да биде поедноставен, за да може да биде мониториран. Последен пример што го сподели д-р Оман е додавање на некаков вид на кодови на самите реклами. Тие кодови би оделе под рекламата и би можеле да се проверат во датотеката како PADRE. Или, пак, кодови кои би имале линк што ќе пренасочи до библиотеките каде што би можело да се види кој стои зад рекламите и колку средства биле платени за нив. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар Извор: Новинска агенција МЕТА