Поранешниот пратеник и градоначалник на Карпош, Андреј Петров, вечерва во „Отворено“ на ТВ „24“ рече дека во новите геополитички состојби Македонија треба да го гледа својот интерес. Според него, близината на Македонија со Унгарија не е баш добра насока бидејќи како што објасни Петров, Орбан не е личност која е добро прифатена во Европската Унија.
„Не ми се допаѓа што сме блиску до Орбан и не мислам дека тој треба да ни биде репер. Мислам дека тој важи за на некој начин екстремен десничар во своето делување, неговите конфронтации со ЕУ се познати, тој преку владеењето се одржува толку години и од една страна треба да го критикуваме Вучиќ дека е долго на власт а за Орбан да велиме дека е демократија. Нема што да бара Македонија таму и да се доближува. Тие имаат свој интерес да влијаат во регионот. За Македонија не е добро затоа што тоа е личност која не е добро прифатена во најгоелмите европски земји кои се наши партнери. Ние треба да го гледаме нашиот интерес. Покрај САД следни наши најголеми поддржувачи се големите земји во ЕУ и треба да имаме добри односи“, рече Петров.
Тој зборуваше и за средбата помеѓу Зеленски и Трамп во Белата куќа, која според него била „шокантна и драматична“.
„Средбата беше шокантна и драматична и во таа Овална соба немало јавна слична средба на која толку жестоко било влезено во дебата со домаќинот. Мислам дека таа средба само го забрза она што се претчувствуваше а тоа е дека Трамп ќе има поинаква стратегија која ќе биде американска и нема да води сметка за ничии други интереси. Од аспект на Зеленски, кој има земја во војна со жртви и влегува во четврта година на војна веќе, не можете толку вербално и жестоко да дебатирате пред камера. Зеленски имаше радикален влез“, додаде Петров.