Метеоролошката пролет 2025 година започна во Европа со невообичаено високи температури, објави Severe Weather Europe (SWE). Прогнозите за првата недела од новото годишно време најавуваат топлотен бран предизвикан од систем на висок притисок познат како „топлинска купола“. Овој временски феномен ќе донесе температури далеку над просекот, особено во централните и источните делови на континентот, со отстапувања од 10 до 15 степени над вообичаените вредности. Од понеделникот термалната купола почна да доминира во централниот дел на Европа. Овој феномен резултира со „заробување“ на топол воздух, предизвикувајќи високи температури на површината на земјата. Средиштето на висок притисок постепено ќе се засилува, со што ќе се создаде период на суво и стабилно време со минимални шанси за врнежи или облачност, пренесува SWE.

Топлотниот бран ќе донесе рекордни температури низ централна, источна и северна Европа, вклучувајќи го и Балканскиот Полуостров. Прогнозираните температури ќе достигнат и до 16-20 степени во многу региони, што е невообичаено за почетокот на март. Најголеми температурни аномалии се очекуваат во средината на неделата во Германија, Австрија, Полска, Белорусија, Украина, Молдавија и Романија. Слични услови се предвидуваат и за Балканскиот Полуостров каде температурите локално ќе достигнат до горните граници до 20 °C, особено во Источна Хрватска, Северна Србија, Јужна Романија и Северна Бугарија. До 13 март и Македонија ќе биде под влијанието на топлотната купола и температурите ќе се движат од 18 до 22 степени.
Медитеранот и Италија ќе останат на работ на топлинската купола и таму температурите нема да бидат толку изразени како на Балканот и во источна Европа.

Топлотниот бран ќе се прошири во северна Европа, а во среда ќе стигне до јужна Норвешка и Шведска. Врвот на топлинската купола и придружните високи температури се очекуваат во петок, кога температурите ќе пораснат за неколку степени во споредба со средината на неделата. Топлотните бранови како овој често доведуваат до зголемен ризик од суши и пожари. Иако во моментов нема опасност од пожари во централна и источна Европа, познато е дека продолжените топлотни бранови предизвикуваат екстремни временски настани, вклучително и рекордни температури. На глобално ниво, термалните куполи веќе предизвикаа смртоносни топлотни бранови во Северна Америка и Европа во последниве години, а таквите обрасци стануваат сè почести поради климатските промени.