Европа да заземе поинтензивна улога во процес на постигнување на траен и одржлив мир во Украина, преку партнерство и сојузништво со САД, рече премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта, по одржувањето на заедничката владина седница. Мицкоски кажа дека земјава има поддршка од Унгарија за што побрзо откочување на процесот за членство во Европската Унија. На седницата како што рече било разговарано за заеднички проекти во инфраструктурата, а министрите за внатрешни работи и министерот за одбрана разговарале за идна можна воена соработка, односно развивање уште подлабоко на воените индустрии на двете земји, како и вмрежување и настап на трети пазари.
„Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство нешто што го заслуживме многу одамна, била, е и ќе остане наша стратешка цел, тука не треба да има никој дилема. Но, исто така мораме да потенцираме тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел, која за жал не е поместена од состојбата која што беше пред 20 години е навистина бесценето, односно цената е толку голема што не може да се утврди. Бидејќи пред зборуваме за билатерализација на процесот на преговори, а не европеизација на процесот на преговори“, рече Мицкоски. Премиерот на Унгарија Виктор Орбан кажа е неправда кочењето на процесот на евроинтеграции на Македонија и дека Унгарија ја поддржува земјава.
„Како партнер кое долго време разговара и преговара со Европската Унија го сметам за срамно тоа што го прави Брисел на Македонија. Најголемиот морален долг Европската Унија го има кон Македонија. Тоа што може да го направиме како земја членка е да соработуваме со Македонија во полето на економијата, трговијата, културата, полицијата. Ова не е замена за интеграцијата, но како мала замена или утешна награда може да се смета да обезбедиме можност за изградба на еден заеднички регион со Србија и Северна Македонија“, рече Орбан.