Американскиот претседател Доналд Трамп одржа говор пред Конгресот. Тој зборуваше цели два часа. Говорот е првото големо обраќање на Трамп по враќањето во Белата куќа. Тој зборуваше за одлуките што ги донел досега, за Украина, царините, мигрантите. Пред тоа, тој со извршна наредба ги удвои царините за кинескиот увоз од 10 на 20 отсто. Белата куќа го оправдува зголемувањето со наведување на континуираниот шверц на фентанил од кинеско производство во САД. Во моментот кога говорот на Доналд Трамп беше при крај, кинеската амбасада објави реакција на социјалните мрежи. „Прашањето со фентанил е слаб изговор за зголемување на американските тарифи за кинескиот увоз. Нашите контрамерки во одбрана на нашите права и интереси се сосема легитимни и неопходни. САД, а не кој било друг, се одговорни за кризата со фентанил во својата земја. Во духот на хуманоста и добрата волја кон американскиот народ, презедовме конкретни и силни чекори за да им помогнеме на САД да го решат овој проблем.
Наместо да ги признаат нашите напори, САД се обидоа да ја оцрнат Кина, да ја префрлат вината и притисокот и да ја уценуваат Кина со зголемени царини. Нè казнија што им помагавме. Ова нема да го реши американскиот проблем и само ќе го поткопа дијалогот и соработката во борбата против трговијата со дрога“, се вели во рекцијата на Пекинг објавена на социјалните мрежи. -Не се плашиме од закани. Нема да потклекнуваме на притисоци и уцени. Принудата или заканите не се вистинскиот начин за справување со Кина. Секој што мисли дека може да ја скрши Кина со максимален притисок, избира погрешен противник и прави сериозна погрешна пресметка. Ако САД навистина сакаат да го решат проблемот со фентанил, вистинскиот начин е да соработуваат со Кина на меѓусебно почитување и еднаквост. Ако војната е она што го сакаат САД – без разлика дали е тоа тарифна војна, трговска војна или каков било друг вид војна – ние сме подготвени да се бориме до крај“, се вели во соопштението на кинеската амбасада во САД. Кинеското Министерство за трговија претходно соопшти дека Кина на 10 март ќе воведе царини од 15 отсто за пилешко, пченица, пченка и памук од САД. Другите земјоделски производи, вклучително соја, свинско и говедско месо, подлежат на дополнителни царини од 10 проценти.
САД, инаку, извезуваат најмногу земјоделски производи во Кина.
Кина, исто така, објави дека повеќе американски компании ќе бидат додадени на списокот на несигурни субјекти, што може да доведе до ограничувања или целосна забрана за водење бизнис во Кина. Овој потег уследи по извршната наредба на американскиот претседател Трамп за удвојување на царините за кинескиот увоз од 10 на 20 отсто. Белата куќа го оправдува зголемувањето со наведување на континуираниот шверц на фентанил од кинеско производство во САД. Во меѓувреме, тарифите за стоки од Мексико и Канада, исто така, стапија на сила во вторникот. „Претседателот Доналд Трамп продолжува со тарифите за Канада и Мексико“, соопшти Белата куќа во понеделникот вечерта, непосредно пред стапувањето на сила на тарифите на полноќ по локално време.