Ве покануваме на Марш за женски права, што ќе се одржи на Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, 8 март (сабота). Оваа година маршираме под слоганот: „Нека јадат ружи!“, со почеток во 13:00 ч. пред Универзална сала. 8 Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази. Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите. А во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија. Овој 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење, Ве повикуваме на женски марш и на солидарен женски бојкот.
На 8 Март повикуваме на бојкот на големите маркети, ланци и трговските центри кои преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција. А за да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 март ги повикуваме жените на бојкот на домашните обврски. Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас за да му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и да ги сопреме неговите запчаници, барем на еден ден. По нашето обраќање, се движиме по предвидената рута, а маршот ќе го завршиме во Паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите. Марширајте со нас, со почеток во 13:00 часот, дојдете пред Универзална сала или приклучете ни се на некоја од точките на рутата во прилог. Се гледаме на марш!