Почитувани, Уставниот суд денеска во 9:30 часот ќе ја одржи 5.седница со дневен ред за кој се предвидени четири иницијативи за оценување на уставност/законитост и два предлози за решавање судир на надлежности.
I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. Реферат У.бр.114/2024
Оспорен: член 76 став 4 од Закон за дивечот и ловството
Подносител: Државен инспекторат за шумарство и ловство
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се повредува начелото на владеење на правото на тој начин што инспекторите на државниот инспекторат за шумарство и ловство кои се членови во комисиите за увид на штета што ја причинил дивечот за кој е пропишана трајна или привремена забрана на ловење, воедно ќе вршат и инспекциски надзори кај корисниците на дивеч во ловиштата и управувачите на државните ловишта. Се наведува дека не им е дозволено правото на инспекторите од државниот инспекторат за шумарство и ловство за спроведување на начелата: на законитост, на заштита на јавниот интерес, на еднаквост, непристрастност и обејктивност, на одговорност и сл. бидејќи инспекторите се должни да ги почитуваат овие начела, а доколку не ги спроведуваат за истите одговараат.
2. Реферат У.бр.173/2024
Оспорен: член 117 во делот „сојузен“ и член 119 во делот „сојузен“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници („Службен лист на СФРЈ“ бр. 7/1985, 74/1987 и 20/1989)
Подносител: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека оспорените делови од законските одредби се спротивни на Уставот, односно на член 1 и член 51 став 1.
3. Реферат У.бр.208/2024
Оспорен: член 99 став 5 во делот „правосилни“ од Законот за судовите
Подносител на иницијативата: Адвокат Александра Илиева Милчова
Од наводите во иницијативата:
Подносителката на иницијативата смета дека оспорениот член е во спротивност со членот 102 и 16 од Уставот, бидејќи сите одлуки кои ги донесуваат судовите се јавни, што значи јавноста има право да се запознае со нив. Наведено е дека терминот е во спротивност со Уставот, за што постои обврска да бидат објавени само правосилните одлуки, а не и неправосилните. Подносителката наведува дека со правилно разбирање и толкување на начелата на јавност и на транспарентност се овозможува јавна контрола, надзор над работата и одлуките на судиите и судовите и притоа го посочува Начелниот став донесен од страна на Врховниот суд за објавувањето на донесени одлуки на веб-страниците на судовите од 21.12.2022 година.
4. Реферат У.бр.213/2024
Оспорен: член 8 став 3 во делот „за државните службеници“ од Законот за санитарна и здравствена инспекција
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата: Подносителот наведува дека оспорениот дел може да ги доведе во заблуда оние кои се должни да ја применуваат одредбата, како и оние наспрема кои таа одредба се однесува, бидејќи упатува на пропис кој не е повеќе дел од правниот промет.
II. ПРЕДЛОЗИ ЗА РЕШАВАЊЕ СУДИР НА НАДЛЕЖНОСТ
1. У.бр.228/2024
Предмет: Предлог за решавање на судир на надлежности помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Претседателот на Република Северна Македонија
Подносител на предлогот: Билјана Радева
Од наводите во предлогот:
Билјана Радева како поранешен функционер, заменик-генерален секретар на Претседателот на Република Северна Македонија бара од Уставниот суд да одлучи во чија надлежност е одлучувањето по нејзиното барање за остварување на право на плата по престанок на функцијата. Подносителката наведува дека прво од Генералниот секретар на Претседателот на Републиката, а потоа и од страна на Собранието и се доставени одговори дека се ненадлежни да одлучат по нејзиното барање. Поради постоење на два акти од две институции со кои се одбива надлежноста за нејзино остварување на право на плата по престанок на функцијата, подносителката бара Уставниот суд да постапи и да утврди законска надлежност на Собранието.
2. У.бр.229/2024
Предмет: Предлог за решавање на судир на надлежности помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Претседателот на Република Северна Македонија
Подносител: Миле Бошњаковски
Подносителот наведува дека како поранешен функционер-генерален секретар на Претседателот на Република Северна Македонија му е оневозможено правото на плата по престанок на функцијата. Наведено е дека прво од страна на Генералниот секретар на Претседателот на Републиката, а потоа и од страна на Собранието и се доставени одговори дека се ненадлежни да одлучат по нејзиното барање. Поради постоење на два акти од две институции со кои се одбива надлежноста за негово остварување на право на плата по престанок на функцијата, подносителот бара Уставниот суд да постапи и да утврди законска надлежност на Собранието.