Џабир Дерала од „Цвил“ вечерва во „24 анализа“ на ТВ „24“ рече дека новата македонска власт не може да го испорача она што го ветила пред изборите. Според него, стапките по кои чекори Владата не покажуваат дека таа сака Македонија да биде дел од ЕУ. „Едноставно оваа власт, тие знаат дека не може да го испорачаат тоа што го ветија, ако се анализираа наративите во предизборието ќе знаевме дека нема да мрднеме во евроинтеграциите и јасно е дека нема да мрднеме. Ова во ОН што се случи ви кажува дека кога е пресудно ќе послушаат друг, а не она што го кажале. Кога зборуваме за ЕУ велат да, но не под диктат на Бугарија тоа кажува дека наративот предизборен и оној пред Брисел се едно а постапките се друго и нема да одиме кон ЕУ.
Европа ни дава грантови, тоа се пари кои не мора да ги вратите додека од Кина ги земате како кредит“, рече Дерала. Тој зборуваше и за тоа дека соработката со Унгарија и Турција нема да ја промени економската состојба кај нас. „Не можеме да очекуваме напредок врз основа на два меморандуми, нема да има поголема економска соработка од таа што постои може да се намалува во однос на глобалните случувања. На ова ново нормално гледам уште две три недели добра ПР приказна која ќе се распрсне како сапуница. Ќе има и црвени ленти кои ќе сечат, ќе видите дека нема голема разлика. Унгарија е во неволја во однос на Брисел бидејќи не испочитува многу одредби и Турција си има свои проблеми“, додаде Дерала.