Што ако за Бојан Јовановски е направен историски преседан? Што ако од затвор го ослободи Апелациониот суд со кој претседава Мери Дика, блиска пријателка на семејството? Што ако медицинската документација на осуденикот не е вештачена? Боки 13 заслужува ваква одлука, бидејќи покажа дека е исклучително паметен и успеа да докаже дека сите ние другите сме – будали.
Навистина не знаев дека Бојан Јовановски алијас Боки 13 има толку многу фанови во оваа наша напатена Македонија, земја за која често и ние самите, како и некои други, тврдиме дека е корумпирана до коска. А ме изненади и фактот дека човекот осуден за аферата „Рекет“ има толку многу фанови и меѓу новинарите и медиуми, за кои некогаш верувавме, а некои од нас уште сакаат да веруваат, дека биле некаква „седма сила“ во општеството. Со денови чекам било кој да напише, или да каже нешто во врска со де факто ослободувањето на Боки од робија во Идризово. Како што е познато, за аферата „Рекет“ Бојан Јовановски беше правосилно посуден на казна затвор од 9 години (неговата другарка Катица Јанева доби 7 години). Пред некој ден, истиот скопски Апелационен суд му ја намали казната на 5 години, што фактички значи дека Боки, кој и сега е на слобода (прекин на издржување на затворската казна), веќе нема да се врати зад решетки.
Јавно беше соопштено дека судиите ја донеле пресудата поради „нови околности“ поврзани со здравствената состојба на осуденикот, кому му бил отстранет најголем дел од желудникот и од тенкото црево. Апелациските судии соопштија дека до нив била доставена обемна медицинска документација, потпишана од различни професори и доктори, како и од различни државни болници. Таму се констатирало дека осуденикот не може да биде лекуван зад решетки поради тоа што во затворот немало терапии, лекари и услови. И тоа е тоа. После оваа пресуда и ова образложение за јавноста, завладеа чуден молк. Сите среќни и задоволни. Молчев и јас, признавам. Но, јас имам две лични причини за тоа:
Прво, јас сум тој што јавно ја обзнанив аферата „Рекет“. Јас сум оној „суетниот новинар“, а Боки беше „п…рот“, од славната изјава на Зоран Заев. Тој факт ме обврзуваше да посветам должно внимание и на аргументите на засегнатиот Боки, особено на неговите тврдења за здравствените проблеми. Јас таа своја професионална и човечка обврска ја исполнив и повеќе пати се бунтував поради отпорот на човекот да му се дозволи да се лекува во домашен притвор. И второ, јас секогаш принципиелно сум се залагал за поблага казнена политика, бидејќи сум длабоко убеден дека високите казни, со елементи на некое ново „шеријатско право“, имаат само брутализирачки ефект – тие го зголемуваат, наместо да го намалат криминалитетот. Но… Има тука едно големо „но“.
Третиот важен принцип за кој се залагам е почитувањето на процедурите, кои обезбедуваат фер и коректен пристап на сите страни до правосудните институции и до правдата, како и правични судски одлуки.
Многу луѓе ми велат дека последната одлука на Апелацискиот суд е донесена во крајно сомнителни околности и дека таа не може да се протолкува поинаку освен со тажното сознание дека Боки 13 од сите нас, едноставно, прави – будали.
И бидејќи сите истражувачки новинари – разноразни усаиди, некои платени и со пари од локалниве амбасади, сите фалени и наградувани во нивното друштванце кое јас го сметам за една посебна секта – едноставно одбија да истражат како и зошто е донесена оваа пресуда, со која Боки 13 практично се пушта на слобода, решив јас да си ја нагрбам задачата.
Прво, ја истражив тезата дека проблемот со здравствената состојба на осуденикот Бојан Јовановски Апелациониот суд можел и морал да го реши, односно да го менаџира на поинаков начин. Високата казна од 9 години затвор имаше големо значење од аспект на генералната превенција, како порака за одвраќање на потенцијалите сторители на ваков груб криминал што го разорува ткивото на општеството. Инаку, реално, Боки 13 малку помина зад решетки. Беше на привремени отпусти, дел заради лекување, а дел заради професионални ангажмани од кои тој заработува за живот (во неговата „медицинска“ документација, се сеќавам, има и „мислење“ на еден лекар дека човекот мора да го прави тоа што го прави за да си обезбедел „егзистенција“).
Инаку, апелациските судии и самите признаваат дека имале „неколку опции“ како да постапат, но се одлучиле на опцијата – преиначување на казната. Многу сериозни правни експерти ми тврдат дека требало да се одлучат за друга опција и дека ваков случај досега немало во нашата правна историја. Ова е преседан.
Но, по многу размислување и по некои мои анализи на значењето на општествениот феномен „Боки 13“ за нашата севкупна историја, дојдов до заклучок дека правните експерти сепак не се во право, односно дека „генијалците“ во Апелациониот суд постапиле исправно определувајќи се за ваков преседан. Па ве молам, ако не се направи преседан за Боки 13, за кого ќе се направи?
Па зар човекот кој на линија, да не речам под контрола, имаше обвинителки како Катица Јанева и Вилма Русковска, човекот кому му се клањаа сите политичари и неколку новинарски бардови, човекот кој беше јавно крунисан во присуство на државниот врв – мислам, букавлно крунисан, носеше круна на главата, мора да се сеќавате на таа сцена – па зарем таков човек заслужува нешто помалку од слобода?
Второ, некои луѓе, исто така сериозни правни експерти, кои ми тврдат дека медицинската документација врз основа на која решавале апелациските судии не е ажурирана и дека станува збор практично за истата документација, односно дијагноза, со која Боки 13 влегува зад решетки. Експертиве ме убедуваат дека апелациските судии, ако веќе биле решени да донесат одлука преседан, каква што донеле, можеле и морале да ја поткрепат со едно сериозно вештачење на медицинската документација. Во крајна линија, тие сепак се само судии, не се лекари по професија.
Овој аргумент, да кажам искрено, не го истражив сериозно. Затоа што имам свое мислење, различно од мислењето на судот во поглед на можностите што ги нудат условите во Идризово за лекување на затворениците. Да, условите таму навистина се тешки и затвореници умираат често поради тоа, но тие затвореници не се инфлуенсери, немаат моќни пријатели во политиката и во правосудството и во нив јавноста не е вљубена, па да се спасат. Не сум и јас лекар и не располагам со мислење на вештак, но тврдам дека лошите затворски услови немаат директна врска со можностите Боки да си ја подобри својата здравствена состојба.
Тврдам дека вистинскиот еликсир за сите рани и болки на Боки е неговиот стил и начин на живот. Кој навистина не може да се практикува во затвор. Такви болести не се лекуваат со седење во домашни услови, со пиење апчиња и суплементи и со внимание на секое залче. Тоа е заблуда. Напротив, начинот на кој инфлуенсериот Бојан Јовановски си обезбедува „егзистенција“ – со сето она што за него значи „егзистенција“, од луксузната гардероба, бунди ала анима мунди, скапи автомобили, ручеци и вечери по елитните скопски ресторани, до сите оние негови гивај-земај интернет акции, до песните што онака може да ги пее само човек којшто зло не мисли никому – сето тоа е единствената терапија која може на Бојан Јовановски да преживее.
Мислам, да преживее со нас.
Со нас, будалите.
И трето, луѓе кои знаат „кој е кој“ во правосудниве институции и како сите таму се изврзани како свински тенки и дебели црева, ми тврдат дека може да се смета за сериозен проблем и фактот што претседателка на Апелацискиот суд е токму Мери Дика.
Имено, апелациската судијка Мери Дика е долгогодишна пријателка на мајката на Боки и наводно и негова кума. Нејзината сестра, Агапи Дика, претседаваше со Собранието на Меѓународниот сојуз, невладината организација на Бојан Јовановски, која е предмет на еден друг судски случај за органзиран криминал, за кој судењето е во тек (уште сега ми е јасно дека и тој ќе заврши со преседан).
Мери Дика во една прилика има признаено дека на враќање од Милано, ѝ го дала својот пасош на мајка му на Боки 13, за такс-фри за производи што ги купила таа. Некои тогаш велеа дека тоа било перење пари, дека било прекршок и поведение недостојно за една судијка.
Јас, пак, мислам дека тоа е еден крајно симпатичен чин на пријателска солидарност меѓу две жени, кои се злопателе во некое си таму Милано, по набавка на гардероба, или што и да е. Па кој кому да му помогне, ако не кумата на мајката на кумчето? И зарем една ваква ситница би требало некого да наведе на помислата дека тоа што кумата Мери Дика е претседателка на Апелациониот суд има врска со тоа што судот донел одлука преседан да го пушти кумчето рекетарче на слобода?
И каква врска има тоа што Ѓоко Ристов, на пример, човекот број 2 во скопска Апелација, главен во Кривичниот одел во Судот, е кум со адвокатот Васил Димишков, адвокат на спомнатиот Бокиеви Меѓународен сојуз, истовремено и брат на судијката Весна Димишкова?
Ама баш никаква!
Те кумови биле, те врзани биле вака или онака, те си давале пасоши за такс-фри… Ве молам, тоа е едно сосема очекувано и нормално поведение за луѓето во правосудство како нашето. Заслужуваме ли ние нешто подобро?
Заклучокот на моето истражување е јасен. Нема ништо спорно во тоа што човекот кој јавно рекетираше бизнисмени и што беше правосилно осуден во процес што силно ја потресе власта на Зоран Заев, сега е пуштен практично на слобода.
Боки покажа дека е исклучително интелигентен и паметен.
Бидејќи успеа, во фер и непристрасна јавна постапка, да докаже дека ние другите сме – будали.
Терај Боки!
Гледај здравјето и уживај!