Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави денеска, откако Кина возврати на американските санкции со царини за бројни американски производи, дека САД се „подготвени да водат секаков вид војна“. – Ние сме подготвени. Оние кои копнеат за мир мора да се подготват за војна, рече Хегсет во интервју за Фокс њуз, нагласувајќи дека „важно е да се биде силен“. Тој посочи дека затоа САД ја обновуваат својата војска и предупреди дека Америка живее во опасен свет, со моќни земји и различни идеологии.
– Тие брзо ги зголемуваат трошоците за одбрана, ги модернизираат технологиите и сакаат да ги заменат САД. „Ако сакаме да спречиме војна со Кинезите или која било друга сила, мора да бидеме силни“, рече Хегсет. По воведувањето на рестриктивните американски царини, Кина брзо возврати и најави зголемување од 10 до 15 отсто на царините за бројни американски земјоделски и прехранбени производи. Покрај тоа, кинеските власти ставија 25 американски компании под рестриктивен режим на извоз и инвестиции, наведувајќи ја „националната безбедност“ како причина.