Американскиот претседател Доналд Трамп планира да издаде извршна наредба за укинување на Министерството за образование, објави „Волстрит журнал“ , повикувајќи се на неименувани извори запознаени со ситуацијата. Се очекува наредбата да биде издадена денеска. Белата куќа и Министерството за образование не одговорија на барањата за коментар, објави Ројтерс. Трамп со години се залага за укинување на ресорот, нарекувајќи го „голема измама“. За време на неговиот прв мандат, тој предложи негово затворање, но Конгресот не реагираше. Републиканците долго време се обидуваат да го намалат буџетот и влијанието на одделот, а новата секретарка за образование Линда Мекмахон, која беше потврдена во понеделникот, го поддржа планот на претседателот. Противниците на укинувањето на Министерството за образование тврдат дека тоа е од клучно значење за одржување на високи стандарди на јавното образование и ги обвинуваат републиканците дека се обидуваат да го зајакнат приватното образование.
Итно затворање може да ја загрози помошта од десетици милијарди долари за училиштата и учениците, велат оние кои се против оваа одлука. Трамп минатиот месец рече дека сака веднаш да го затвори одделот, но призна дека му е потребна поддршка од Конгресот и синдикатите на наставниците. Одделот за образование надгледува околу 100.000 јавни и 34.000 приватни училишта во САД, но повеќе од 85 отсто од финансирањето на јавното образование доаѓа од државните и локалните буџети. Одделот доделува федерални грантови за училишта кои се борат, финансира уметнички програми, поддржува наставници на деца со посебни потреби и надгледува студентски заеми и кредити од 1,6 трилиони долари, пренесува Танјуг.