Москва денеска го именуваше Александар Дарчиев, директор на Северноатлантскиот оддел на руското МНР, за амбасадор во САД. Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша соодветниот указ, според кој Дарциев е именуван за „вонреден и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во Соединетите Американски Држави и постојан набљудувач на Руската Федерација во Соединетите Американски Држави во Вашингтон“. Документот е објавен на официјалниот портал за правни информации. Според рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, за време на руско-американските разговори во Саудиска Арабија на 18 февруари, беше постигнат договор за именување на руски и американски амбасадори што е можно поскоро. Анатолиј Антонов, претходниот претставник на Русија во САД, го заврши својот мандат во Вашингтон во октомври 2024 година.
Новоименуваниот руски амбасадор Александар Дарчиев (64) минатата недела ја предводеше руската делегација на разговорите за нормализација на дипломатските односи што се одржаа во Истанбул. Тој е поранешен истражувач специјализиран за северноамерикански студии и фокусиран и на Канада и на САД. Дарчиев дипломирал на Историскиот факултет на Московскиот државен универзитет Ломоносов во 1983 година. Од 1983 до 1992 година бил студент на постдипломски студии, помлад истражувач и истражувач на Институтот на САД и Канада на Академијата на науките на СССР. Во 1987 година ја одбранил својата докторска теза со наслов „Лево-либералните сили во општествено-политичкиот живот на САД во 1970-тите и 1980-тите години“.
Течно говори англиски и француски јазик, па во дипломатскиот кор служи од 1992 година. Значаен дел од неговата кариера, околу 10 години, помина во САД и Канада, каде што беше на различни позиции, вклучувајќи советник и министер-советник во Руската амбасада. Од 24 октомври 2014 година до 11 јануари 2021 година, тој беше вонреден и ополномоштен амбасадор на Русија во Канада. Потоа се вратил во Москва за да ја преземе улогата на директор на Северноатлантскиот оддел, каде што работел до неговото неодамнешно назначување. Според руското Министерство, Дарчиев се очекува во блиска иднина да замине за САД.