По шокот од пандемијата, економската активност во Германија веќе три години е под нивото од 2019 година, соопшти Институтот за германска економија во Келн. Во услови на пандемијата на ковид-19, војната во Украина и другите геополитички пресврти, германската економија загуби 735 милијарди евра во последните пет години. Ова го покажува студијата на Институтот за германска економија во Келн (ИВ), чии извадоци цитира Ројтерс. „По закрепнувањето од шокот од пандемијата, економската активност во Германија веќе три години е под нивото од 2019 година“, се вели во документот.
Економските загуби ги надминаа оние забележани во Германија за време на кризите во последниот четврт век. Помеѓу 2001 и 2004 година тие беа 3,4% од Бруто домашниот производ, а по кризата на финансискиот пазар во 2008-2009 година се проценуваат на 4,1%. Во меѓувреме, од почетокот на пандемијата, тие веќе достигнаа 4,3 отсто од БДП. Вкупните загуби во приватниот потрошувачки сектор во последните пет години веројатно ќе достигнат 470 милијарди евра, предвидуваат експертите. Тоа одговара на околу 5.600 евра по жител. „Германија ја доживува својата најтешка економска криза од обединувањето“, вели економистот на ИВ, Мајкл Греминг, шеф на економска анализа. „Коронавирусот и Украина практично ја парализираа инвестициската активност на компаниите. Ова ќе го намали нашиот производствен потенцијал уште многу години“, додаде тој, пренесува БГНЕС.