Политичките односи меѓу Хрватска и Македонија се одлични исто како што е и економската соработка. Односите меѓу двата народи се пријателски и секогаш постои партнерство, пријателство и симпатии бидејќи не врзуваат историски врски, истакна претседателот на Саборот на Хрватска, Гордан Јандроковиќ, кој е во тридневна посета на Македонија. Јандроковиќ посочи дека хрватското малцинство во Македонија е гордо што се овде и ја почитуваат оваа татковина, но и се горди на своите хрватски корени. Вели дека истото важи и за македонското малцинство во Хрватска. Исто така хрватскиот спикер, ја истакна поддршката на Хрватска за интеграцијата на Македонија во европското семејство. -Ја имате нашата поддршка и понатаму да истраете во тој пат и да ги решите тие проблеми. Добро е да имаме сојузништво, не само во рамките на НАТО туку и во рамките на ЕУ, додаде Јандроковиќ. Посета на Гордан Јандроковиќ/фото Слободан Ѓуриќ/Слободен Печат. Тој пред македонските пратеници рече дека не може да се разговара за мир во Украина без учество на Украинците бидејќи тоа ја доведува во опасност нивната сувереност и територијален интегритет.
-Тоа би било силен удар врз меѓународното право и врз светот којшто го градиме од Втората светска војна наваму, рече Јандроковиќ. Првиот човек на Хрватскиот Сабор укажа дека светот глобално политички се менува, дека станува се поопасен и на удар се, рече, вредностите, а во контекст на новите околности со војната во Украина, истакна дека „овие денови и над ЕУ и над НАТО се надвиснуваат сиви облаци“ и оти „можеби од почетокот на нивното основање, ова е најголемата пресвртница за двете организации“. -Не знаеме како ќе изгледа нивната иднина и затоа е многу важно да се вложува голем труд, да се воспостави траен светски мир.
Последните месеци сведоци сме дека на двете страни од Атлантикот постојат различни визии за тоа како треба да изгледа еден мир. Времето ќе покаже во која мерка е возможно да се воспостави заедничка визија за тој мир. Нам ни е важно тој мир да биде одржлив и праведен, а не да биде неизвесна иднина… Не може да се разговара за мир во Украина без учество на Украинците бидејќи тоа ја доведува во опасност нивната сувереност и територијален интегритет. Тоа би било и силен удар врз меѓународното право и врз светот којшто го градиме од Втората светска војна наваму. Не може да се размрда тој поредок затоа што тоа ќе биде неверојатен преседан којшто ќе создаде нестабилност и којшто ќе значи оправдување на агресија, истакна Јандроковиќ. Затоа, додаде тој, „нашата заедничка обврска е да се афирмира меѓународното право, поредокот кој се темели на меѓународно право, а не врз основа на моќта на посилниот“. -Тоа треба да биде нешто што ќе не обедини – почитување на меѓународното право, почитување на територијалниот интегритет и суверенитет, тоа е во сржта на меѓународните односи и нешто врз што мораме да се потпреме, додаде претседателот на хрватскиот Сабор.