Основното јавно обвинителство Скопје спроведува истражна постапка за изнуда од заболекар, од кого се барале 5.000 евра. Осомничен е 33-годишен скопјанец, заедно со уште едно лице кое до сега не е идентификувано, кои со сила и сериозна закана се обиделе да принудат еден оштетен стоматолог да им исплати 5.000 евра.
„Откако претходниот ден осомничениот се јавил и закажал термин како пациент во ординацијата, на 29 јануари двајцата соизвршители дошле на закажаниот термин. Осомничениот од неговиот мобилен телефон му покажал на стоматологот видео клип со наводно компромитирачка содржина и побарал од него 5.000 евра за да не го објави.
Во тој момент оштетениот започнал да го снима разговорот со неговиот мобилен телефон. Осомничениот го забележал, му го одзел телефонот и го избришал снимениот разговор. Потоа го натерал оштетениот заедно да излезат од ординацијата и се обиделе насилно да го внесат во автомобил. Оштетениот одбил, по што осомничениот му се заканил уште еднаш дека ќе треба и дополнително да плати затоа што ги снимал, па двајцата сторители заминале во непознат правец“, објави ОЈО.
Во моментов се работи на откривање на идентитетот на вториот осомничен, додека за првиот јавниот обвинител предложил да бидат определени мерки на претпазливост – обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување или воспоставување контакти со оштетениот.