Македонската гордост во областа на челичните конструкции „Факом’ ги живее своите најтешки и најнеизвесни денови во последната деценија. Последните официјални податоци достапни на Македонската берза покажуваат дека „Факом“ е лице в лице со предизвикот „да се биде или не“
Компанијата „Факом“ лани изгуби 70 отсто од своите приходи, а ја заврши годината со загуба од 3,2 милиони евра. Приходите од продажба на „Факом“ лани изнесуваа 5,3 милиони евра и се дури 70 отсто пониски од претходната година. При тоа евидентно е дека во структурата на продажби домашниот и странските пазари се речиси изедначени со блага предност на извозот. А тука е и клучниот проблем за 2024 година. „Факом“ во своето објаснување кон финансиските резултати укажува дека лани врз лошите резултати во значајна мерка влијаела продуктивноста односно доцнењето на материјали од кинескиот добавувач. Односно тоа што требало да влезе во продукција во „Факом“ во септември стигнало во нивите погони дури во декември. И тоа во одредена и значајна мерка го објаснува финансискиот резултат на оваа македонска компанија.
Оперативните расходи на „Факом“ изнесуваат 8,6 милиони евра и тие се за 50 отсто пониски од претходната споредбена година. За тоа дека е лоша состојбата во „Факом“ најсликовиот говори фактот за намалените трошоци за вработените лани. За нив компанијата издвоила нешто над 3,2 милиони евра. А тоа е за 52 отсто помалку од претходната 2023 година. Очигледно дека „Факом“ го намалил значајно своето производство па отпуштал вработени или ги намалил трошоците за нив со тоа што добиле принуден одмор. И згора на тоа, компанијата лани имала и финансиски расходи во износ од 413.000 евра. Дури и трошоците за камати и за курсни разлики биле повисоки за 7 отсто во споредба со 2023 година.
Финансиско – материјалната состојба на „Факом“ не е за пофалба. Компанијата на крај на 2024 година имала обврски од речиеи една милијарда денари односно 16,25 милиони евра. Неговите обврски лани пораснале за 14 отсто. На крај на 2024 година „Факом“ на добавувачи должел над 10 милиони евра, а за краткорочни кредити должел 4,4 милиони евра. На крајот на годината неговите обврски биле три пати повисоки од книговодствената вредност на неговата главнина и резерви.
Н.С.