Слаѓан Михајловски да биде именуван за нов независен член на Надзорниот одбор на ТТК банка. Овој предлог го дава најголемиот акционер на ТТК банка, а тоа е тетовскиот комбинат „Тетекс“ до Собранието на акционери на банката, кое ќе се одржи на 2 април оваа година. Со оглед што Тетекс е доминантен акционер, се очекува оваа одлука да биде прифатена на акционерското Собрание.
„Предложениот кандидат за независен член на Надзорниот одбор на ТТК банка Срѓан Михајловски поседува професионални квалификации да ја извршува работата од делокругот на работењето на НО на банката, кои треба да бидат достапни до акционерите“, се вели во предлог одлуката, во која се даваат да бидат достапни до акционерите податоци за предложениот кандидат. Тој, како што се вели во предлог одлуката, ќе биде именуван за период од 4 години, и ќе му се определи награда за ангажирање и учество во работата на седниците на Надзорниот одбор.
А, ќе ја преземе функцијата откако ќе ја добие потребната согласност од Народна банка на Македонија. Инаку, како што објавуваат од банката во предлог одлуката, Слаѓан Михајловски има завршено на ФЕИТ, насока ИКТ, на Универзитетот Кирил и Методиј. Во моментов ја извршува функцијата главен извршен директор на Инфинити Солушнс ДОО, позиција на која што е 20 години. А, она што е интересно, е дека Михајловски во Инфинити поседува и удел од 30 проценти. Додека, пак, во ТТК не поседува акции. Кон ТТК банка нема ниту никакви заеми. Таа компанија, како што стои на нејзината веб страница, нуди целосни услуги за консалтинг, развој на софтвер и инженерство со фокус на платформите и технологиите на Мајкрософт, овозможувајќи ефективно управување за своите клиенти. Инфинити е сертифициран партнер на многу познати ИТ брендови како Microsoft, NetApp, HP, Fujitsu и итн.
За Михајловски во предлог одлуката се вели дека има применети ИТ вештини во секторите банкарство, професионални услуги, државна администрација, логистика и здравство, како и дека е искусен аналитичар на деловни процеси, консалтинг, проектен менаџњер, има одлични комуникациски вештини, лидерство, ИТ систем архитеткт, и воопшто добро познат член на македонскиот ИТ сектор. Имал работно искуство и како национален акаунт менаџер во претставништвото во Македонија на Fujitsu Services London, од пет години, потоа постар советник во проект на УСАИД, а бил и раководител на ИТ системот на Универзитетскли клинички центар Скопје во период од 7 години. Во ТТК банка Тетекс е главен акционер со 41,42 отсто од акционерскиот капитал на таа банка.
Н.Н.Ф.
Фото: Инфинити Солушнс