Независниот ревизор во извештајот објавен на „Македонска берза“ изразува зачуденост како акционерското друштво „Водостопанство“ дозволило да му застари долг од 2,5 милиони евра што требало да си го наплати. Акционерското друштво во државна сопственост има повеќе од 8 милиони евра ненаплатени побарувања до почетокот на 2024, а независната ревизија открива дека згора на тоа уште 2,5 милиони евра нема да може да се наплатат затоа што изминал рокот од три години за наплата.
„Како што е објавено во Белешката 10, кон придружните финансиски извештаи, салдото на побарувањата од купувачи со состојба на 31 декември 2023 година вклучува побарувања во износ од 493.469 илјади денари. Нам не ни беа дадени соодветни податоци и информации во поглед на старосната структура на целокупните побарувањата и не бевме во можност целосно да ја спроведеме постапка на обезбедување на конфирмации за потврдување на салдата. Од доставената старосна структура на побарувања која се однесува само на побарувањата од купувачи од правни лица, идентификувавме побарувања од купувачи во износ од 158.043 илјади денари, кои што се постари од три години. Поради наведените прашања во овој параграф, ние не можевме да спроведеме сопствени проценки и со разумна сигурност да го утврдиме износот на потребната резервација поради оштетување на побарувањата од купувачите, која може да има материјално значаен ефект врз финансиската состојба и резултатот од работењето на Друштвото со состојба за годината што заврши на 31 декември 2023“,констатира ревизорот во својот извештај.
Ова претпријатие со години работи со загуба и зависи од државната помош од буџетот, а вработените често знаат да изразат незадоволство поради нередовните плати. Нето побарувањата од купувачите, според ревизорскиот извештај, за една година се зголемиле од 7,5 на 8 милиони евра. Под капата на АД Водостопанство се наоѓаат локалните водостопанства и одржувањето на постоечките системи за наводнување. Ова јавно претпријатие има приходи од наводнување на посеви, од водоснабдување на индустријата, комунални претпријатија, продажба на речен материјал, продажба на вода за струја, итн.
Синдикалната организација на АД Водостопанств минатата година преку мирен протест побара од Владата да им се префрлат средства за плати и трошоци за гориво, електрична енергија и резервни делови за да ги подготват и одржуваат каналите за наводнување и одводнување, цевководите за достава на сурова вода, се со цел да може да отпочне и да се заврши сезоната за 2024 година. АД Водостопанство функционира преку дирекција и 14 подружници, а најголем проблем има со ненаплата на водните услуги од општините корисници, поради што често вработените остануваат без редовни доходи. Претпријатието има над 500 вработени во целата држава. Од работењето на АД Водостопанство зависи и функционирањето на 30 илјади земјоделски семејства. Преку претпријатието се наводнуваат земјоделските површини и се одржуваат цевководите за достава на сурова вода до комуналните претпријатија.