Таравари и Мицкоски со вчерашните изјави за скандалозниот криминал во најава со паркингот на Клинички, потврдија дека не само што позади договорот со Ѓока се крие огромен бизнис интерес, туку дека немаат никакво чуство и интерес да ги заштитат пациентите.
Скандалозно и срамно е што министерот за здравство ја правда зголемената цена на паркирањето во Клиничкиот центар со цените во трговските центри. Граѓаните ќе плаќаат 50 денари на час, а не 30 како досега за да одат на лекар. Ова е врв на безобразлукот – споредувањето на луѓе кои се борат за живот со потрошувачи во шопинг молови. Пациентите, меѓу кои и лица заболени од рак и други тешки болести, немаат избор – тие мораат да дојдат во Клиничкиот центар, а Владата ги уценува со високи паркинг цени. Дополнителен скандал е изјавата на Таравари дека други фирми не сакале да се пријават на тендерот, бидејќи Клиничкиот центар „можеби нема да остане таму повеќе од седум, осум, десет години“.
Оваа изјава целосно ја разобличува хаосот и неспособноста на Владата. Само пред еден месец директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека изградбата на нов Клинички центар е стопирана поради демографски причини и намален број на жители. Па, што е вистината? Или пак паркингот не е дел од коалицискиот договор? Министерот Таравари сам потврди Владата предвидела смешно ниска провизија за државата – само 1% од годишните приходи на паркингот. Со ова, Мицкоски и Таравари буквално го подаруваат паркингот на приватна фирма, дозволувајќи огромен профит на сметка на пациентите и граѓаните.
СДСМ најостро ја осудува криминалната зделка на Владата предводена од Христијан Мицкоски и неговиот министер за здравство Арбен Таравари, со која паркингот на Клиничкиот центар му е доделен на компанијата „Ѓока“ од Албанија под штетни и понижувачки услови за државата и граѓаните. Оваа криминална зделка, која е директно на штета на граѓаните, покажува дека Владата на Мицкоски нема никаква грижа за здравствениот систем и пациентите, туку работи единствено за приватни интереси. Додека јавните здравствени установи тонат во долгови и недостиг на ресурси, Владата буквално го распродава државниот имот за безвредни трошки.