Извонредни резултати од страна на Царинската управа во изминатите осум месеци во делот на прибирање на приходи во Буџетот, сузбивање на криминалот и заштита на граѓаните. Соединетите Американски Држави се стратешки партнер на Република Македонија, и ќе бидат силен поддржувач на политиките што ги спроведува Царинската управа. Ова беше клучната порака од посетата на амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер, директорката на Канцеларијата за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите Вирџинија Елиот и заменик шефот на Канцеларијата за билатерална воена соработка, Даниел Силвер. „Моето присуство овде е да Ви се заблагодарам и да Ви честитам за резултатите во изминатите осум месеци кои се воодушевувачки. Благодарност до царинските службеници кои се на границите и ги штитат граѓаните. Чекорите што ги преземате се многу значајни за нас, но уште повеќе за вашите граѓани и безбедноста на државата. Истовремено, поголемата наплата на приходи значи повеќе средства за вашите граѓани. Ние сме ваши партнери, пријатели и тука ќе бидеме за вас”, истакна амбасадорката Агелер на средбата со директорот на Царинска управа Бобан Николовски, заменик директорот Гарип Каба и тимот одржана во рамки на посетата на Царинската управа.
Директорот Николовски изрази особена благодарност до Владата на САД за континуираната поддршка во спроведување на активностите насочени кон зајакнување на капацитетите на Царинската управа.
Директорот на состанокот остварен во рамки на денешната посета информираше дека како стратешки партнер во НАТО, Царинската управа се координира и комуницира со службите на Армијата сѐ со цел олеснување на увозот и побрз прием на оклопните возила што на Армијата ѝ се потребни за зајакнување на капацитетите и исполнување на обврските во рамки на НАТО. Во рамки на посетата амбасадорката и тимот го посетија и Дежурниот Оперативен Центар при Царинската управа каде беше презентиран системот за видео надзор и системот за препознавање на регистарските таблички, како и центарот за обуки со помош на виртуелна дигитална напредна технологија. Воедно беше презентирана и опремата донирана од САД која ја користат царинските мобилни тимови од Одделението за оперативни работи за откривање на обиди за шверц, а беа извршени и презентации каде царински кучиња од К9 единицата ги демонстрираа вештините во откривање на оружје, дрога и пари. Амбасадорката упати честитки до царинските службеници, инспекторите во царинските мобилни тимови, и до инспекторите при Секторот за контрола и истраги во нивните особени напори во спречување на секој обид за криминал.