Ако во не така далечното минато, еден вид на осмомартовска традиција беше одењето на популарните чајанки, за да се одбележи празникот на жената, новите времиња донесоа и нови трендови за Осми март. Чајанките, кои најчесто се организираат во хотелски сали и ресторани, каде се служи ручек или вечера за гостинките, а бендови изведуваат претежно народни песни и се врти оро, очигледно заминуваат во историја, па годинава, но и изминатите неколку години, се почести се женските празнични собири во локали со високи маси, со клупска атмосфера. Коњопој со шише алкохол и четири влезници за 6.000 денари, тоа е само една од бројните понуди кои се актуелни деновиве по повод празникот, а речиси во сите кафулиња и клубови каде се организираат осмомартовските забави, ангажирани се популарни бендови кои изведуваат претежно забавна музика. Некои од забавите се одржуваат во тек на ден, некои започнуваат во вечерните часови, но како што велат угостителите, интерес има и капацитетите биле веќе распродадени.
Уште вечерва, голем број на туристички автобуси се упатија кон своите дестинации, каде расположени жени ќе го искористат празничниот викенд. Меѓународниот ден на жената се одбележува на Осми март од 1913 година. Ширум светот на овој ден се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.