Судиите да одолеваат на какви било влијанија и притисоци во постапувањето кога ќе влезат на седница, да ги остават настрана сите останати улоги и пред сè да бидат уставни судии, порача американската амбасадорка Анџела Агелер за време на посетата на Уставниот суд реализирана вчера. Агелер ја изразила поддршката на САД за враќање на довербата во правната држава преку транспарентни постапки и одлучување исклучиво во согласност со Уставот и законите. За време на средбата со Агелер, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, ја истакнал заложбата на Судот за поголема транспарентност, одлучност и бескомпромисност во постапувањето со цел засилено враќање на довербата во владеењето на правото и зголемување на довербата на граѓаните во Уставниот суд.
-Особено ќе го потенцирам напредокот во полето на транспарентноста и како пример ќе го дадам фактот дека се подготвуваме за целосно снимање и пренесување во живо на подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците, кој претставува исклучително сензитивен предмет и за кој ќе овозможиме на граѓаните да видат и слушнат со свои очи дека одлуките во Судот се носат објективно и без било какви влијанија – истакнал Костадиновски. Тој ја информирал Агелер за сите внатрешни и надворешни предизвици со кои се соочува Уставниот суд во своето работење во изминатиот период, но додал дека Судот ќе остане непоколеблив без оглед на сите обиди за политизација и етнизација на работата и постапувањето. -Основната надлежност на Уставниот суд е да ја штити состојбата на уставност во правниот поредок. Тоа значи дека сите акти и дејствија на сите власти да бидат усогласени со Уставот. Крајно време е сите кои и мислат добро на државата своите јавно изнесени заложби за посветеност на владеењето на правото да ги направат реални, а не лажни или декларативни – додаде Костадиновски.