Бизнисменот Антони Пешев во емисијата „Стадион“ на Канал 77 денеска рече дека државата дозволува увоз на „се и сешто“ и тоа е една од причините на кои треба да се работи за да се подобри економската ситуација во земјата. На тој начин се губат и големи девизни средства и се поттикнува инфлацијата. Според извршниот директор на Стопанска комора на Северна Македонија, Македонија во моментов стагнира дури и во однос на соседите од регионот, а посебно прашање што треба да се стави на маса е зошто се дозволува огромно турско учество во последно време во македонската економија.
– Околу нас се многу агресивни држави кои подеднакво како нас се борат за своето место во просторот. Говориме за една Бугарија, за една „агресивна“ Србија, говориме за една Албанија, која е исклучително „агресивна“ особено во делот на земјоделието и говориме за држави со исклучително деловни капацитети во трговијата како што е Грција, а и во производството ако сакате. Да не заборавиме – Турција е исклучително активна изминатите години и Турција прави силен притисок на економијата и пазарот во државата. Тоа е нешто што можеби треба да посветиме внимание во некоја друга прилика повеќе време и да поразговараме што Турција работи во овој момент на Балканот, вели Пешев.
Во последно време има значително интензивирање на деловната и образовната соработка меѓу овие две земји. Вкупните директни инвестиции на правни и физички лица од Турција во Македонија изминатиот период изнесуваат две милијарди евра. Според податоците, пак, од Централниот регистар, вкупниот број на правни субјекти регистрирани во Македонија во март 2024 година во кои како основачи се јавуваат правни и физички лица од Турција изнесува 1.932. Податоците покажуваат дека меѓу странските работници, тие од Турција се најмногубројни во земјава.