Полска би сакала сопствено нуклеарно оружје, изјави премиерот Доналд Туск. „Денес е јасно дека би биле побезбедни кога би имале сопствен нуклеарен арсенал, тоа е непобитно. Во секој случај, патот до тоа би бил многу долг и би требало да има консензус“, рече Туск, јавија дел од медиумите.
Полска планира да потроши 4,7 отсто од својот БДП за одбрана оваа година, што е најголем удел во НАТО, потсетува британски The Guardian. Туск им рече на пратениците дека воените трошоци треба да се зголемат на пет отсто од БДП. Доналд Туск пред Сејмот најави дека сака голема и силна војска. Во обраќањето пред парламентот, тој рече дека украинската армија има 800.000 војници, додека Русија има околу 1,3 милиони. Затоа Туск сака да ја зголеми армијата на 500.000 војници, вклучувајќи ги и резервистите, наместо сегашните 200.000. Тој вети дека во наредните месеци ќе ги соопшти деталите за новиот план.
„Ќе се обидеме да подготвиме модел до крајот на оваа година, така што секој возрасен маж во Полска ќе биде обучен во случај на војна, за оваа резерва да биде адекватна на потенцијалните закани“, рече тој во Сејмот. Покрај организирањето на резерва, резервните војници би биле подложени на интензивна обука за да бидат високо функционални доколку е потребно. Туск рече дека жените можат да поминат и воена обука, но „војната сè уште е во голема мера домен на мажите“.
Доналд Туск рече дека тие внимателно го разгледуваат францускиот предлог за вклучување на Европа под нејзиниот нуклеарен чадор. Од големо значење за нив е прашањето што значи тоа во однос на авторитетот. Тој предупреди дека Украина била нападната откако се ослободила од сопствениот нуклеарен арсенал. Полска ги зголеми воените трошоци по руската инвазија на Украина. Таа има потпишано договори со САД за купување оружје во вредност од околу 20 милијарди долари: купува 250 борбени тенкови М1А2 Абрамс, 32 авиони Ф-35, 96 хеликоптери Апачи, ракети Џавелин и артилериски ракетни системи. Од Јужна Кореја купува тенкови К2 и лесни борбени авиони ФА-50.