По избувнувањето на неколкуте пожари деновиве низ Македонија, поради сериозноста на состојбата реагираше заменик директорот на ЈП Национални шуми, Кире Михаилов. Тој им се обрати на сите граѓани, но особено на земјоделците кои и покрај апелите продолжуваат да ги палат пред орање. Притоа споредли видео од неколкуте пожари кои во текот на вчерашниот празничен ден ги гаселе екипите на јавното претпријатие.
– Иако календарски зимата трае уште две недели, ние последниве денови на територијата на цела Македонија се бориме со по неколку пожари дневно. Денеска, во општина Илинден, покрај целиот автопат гори и истиот чад влегува во Скопје и околината. Денеска, во Кумановско се издига огромен густ црн чад кој во огромна мера ќе го загади воздухот во Куманово и околните општини. Денеска, на планината Огражден имаме пожар кој е со поголеми размери и кој пожар нашите екипи од ЈП “Македонски Шуми” и ТППЕ СТРУМИЦА се трудат да го стават под контрола.
Беровско цела оваа недела заклучно со вчерашниот ден се боревме со неколку пожари кои за среќа нашите екипи многу брзо ги ставија под контрола и ги изгаснаа. Во околината на велешко, овие денови од стрништата се појавија неколку пожари кои за жал стигнаа до шумата и моравме да интервенираме заедно до локалните ТППЕ. Во велешко пред некој ден, сточар запалил поголема површина со цел да го “поднови” пасиштето за своите овци. Во Македонски Брод вчера на пријавениот пожар во близина на с.Слатина од нашата екипа на ЈП “Македонски Шуми” е затекнато лице кое палело стрниште и истото е пријавено во полиција. На пожарот во с.Брест, исто така во Македонски Брод, нашата екипа на ЈП “Македонски Шуми”, на местото на пожарот затекнала едно лице од село Брест кое гасело и признало дека несакано му се проширил огнот и настанал пожар кој нашите служби заедно со ТППЕ Македонски Брод го локализираа – пишува Михаилов и притоа додава дека имало ситуација во која „ловџии отишле да ги прошетаат кучињата, да направат скара, се заборавиле играјќи си со оганот и биднал пожар“.
Потоа додава дека и покрај сите обиди да им се укаже на земјоделците дека не треба да ги палат стрништата тоа и понатаму се случува. Сепак, Миахилов посочи кои се се проблемите кои настануваат од палење на ниви и стрништа.
– Како прво, остатокот од растенијата од кои е собран плодот, со орање треба да останат во почвата при што истите ќе се разложат и како такви ќе бидат органска храна на новиот посев. Второ, огнот го уништува растителниот и животинскиот свет, дури и самите микроорганизми во почвата кои се нераскинлив дел од природниот синџир кој е неминовен за раст и развој на било какво битие без разлика дали тоа е од растителниот или животинскиот свет. Трето, ова кое што сега го објаснувам, огнот од тие стрништа неретко прави пожари од огромни размери кои прават огромни штети во однос на природната екокатастрофа и во однос на квалитетот на амбиенталниот воздух кој секојдневно го вдишуваме – пишува земник директоро и прашува „па што треба повеќе да ни се случи нам како држава за свеста да проработи кај повеќето“. Михаилов прашува „малку ли беше пеколната 2024 во која имавме илјадници пожари, по 50-тина дневно кои пеплосаа огромни површини, направија непоправлива штета на државата и екологијата воопшто, уништија домови, повредија луѓе и за жал однесоа и една жртва?“.
– Мене искрено не ми е јасно дали не сте свесни дека ние самите сме си најголем душман, со ова буквално се убиваме, се труеме, а ги труеме и нашите најмили и најблиски. Апелирам на поголемо внимание кај сите граѓани воопшто, а секако и да ги пријавиме сите оние кои палат пожари, а си тоа заеднички да ја заштитиме природата. И за крај, измени во законот ВЕДНАШ и делото “намерно подметнат пожар” да го поистоветиме со убиство, а казните за истото дело да бидат огромни, затворски, затоа што јас друга алтернатива и спас од овој крајно нехуман однос сега засега не гледам – објави земеник директорот на социјалните мрежи.
Фото: Архива