Откако поранешниот претседател Стево Пендаровски го критикуваше приближувањето на македонската влада кон политиките на Доналд Трамп, со забелешка дека мала држава аспирант да биде дел од ЕУ како Македонија, може да наиде на замерки од Европската Унија за таквото приближување, со реакција излезе Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Пендаровски во 2020 зборуваше дека е „вон памет„ да се зборува за промена на македонскиот Устав во контекст на бугарското вето“, тврдеше дека ги има сите информации од средбите со официјални лица од Бугарија и дека такво барање за Уставот не било ставено на маса. Потоа наведна глава пред потписот на Бујар Османи и стана главен промотор за смена на Уставот на Македонија. Затоа, проценките на Пендаровски треба да се земаат со голема резерва, бидејќи немаат доследност, а имаат повеќе оговарачка, отколку аналитичка основа, вели Милошоски.
Според него Пендаровски „јавно пласира навреди за САД“. Тоа што Пендаровски јавно пласира навреди за САД и за нивниот новоизбран претседател може да се смета и како имплицитен став на СДСМ, но и како слобода на говорот. Сепак, владата на секоја демократска држава, во случајов САД, е прашање на избор на американските граѓани и Пендаровски, без разлика што е близок со тимот на Сорос, нема право да го оспорува демократскиот легитимитет на претседателот и владата на САД. Македонија и САД во 2008-ма потпишаа документ за стратешко партнерство и тој взаемно-корисен однос треба да се одржува и продлабочува, без разлика на менувањето на владите и претседателите во двете земји. Затоа Пендаровски, ако не може или не сака да И помага на Македонија на меѓународен план, барем нека не И одмага, како во времето кога главни советници за надворешна политика му беа Фрчкоски, Ана Чупеска и Артан Груби, како експерт за пари и ресурси, додава Милошоски.