Опасностите од хроничен недостаток на сон се општо познати – од промени во расположението и когнитивни оштетувања до здравствени проблеми како срцев и мозочен удар, пишува „Саенс алерт“. Постојат бројни докази кои го поврзуваат лошиот сон со овие и други болести, како и силни индиции дека ваквите здравствени проблеми најчесто се предизвикани од хронични воспаленија, истакнуваат авторите на новата студија. Сепак, има помалку докази за специфичните механизми што се вклучени во овој процес – како точно недостатокот на сон доведува до системско воспаление што го нарушува здравјето на луѓето? За потребите на истражувањето, научници од Институтот за дијабетес Дасман во Кувајт се обиделе да го разберат влијанието на недостатокот на сон врз циркулирачките имуни клетки, како што се моноцитите, и нивната поврзаност со системското воспаление. Моноцитите се големи леукоцити, односно бели крвни зрнца, кои играат клучна улога во вродениот имунолошки систем – првата линија на одбрана на телото од надворешни закани. Кај луѓето постојат три подгрупи на моноцити: класични, некласични и средни. Некласичните моноцити патролираат низ крвните садови и ткивата во потрага по патогени, објаснуваат авторите на студијата, користејќи воспалителни сигнали за да го регулираат имунолошкиот одговор на организмот.
Само 24 часа недостаток на сон ја нарушуваат функцијата на моноцитите
Истражувачите регрутирале 276 здрави возрасни лица со различен индекс на телесна маса (БМИ), од кои 237 останале до крајот на истражувањето. Тие ги анализирале нивните навики на спиење и редовно го следеле нивото на различни подтипови на моноцити, како и маркерите на воспаление. Според студијата, дебелите учесници имале значително полош квалитет на сон од слабите учесници, заедно со зголемено хронично воспаление со низок степен. Тие исто така имале повеќе некласични моноцити, што корелирало со полошиот квалитет на сон и зголемените проинфламаторни маркери. Во вториот дел од студијата, пет здрави, слаби возрасни лица дале примероци од крв за време на 24-часовен период без сон. Нивните резултати биле споредени со примероци од крв земени по неколку дена квалитетен сон. Дури и само 24 часа без сон предизвикале значителни промени во профилите на моноцитите кај слабите учесници, кои почнале да наликуваат на оние кај дебелите испитаници – состојба која научниците ја поврзуваат со хронично воспаление.
Технологијата ни одзема драгоцено време за сон
Решението може да изгледа едноставно – само спијте повеќе. Но, во реалноста тоа е потешко да се постигне. Современото општество нè поттикнува да остануваме будни до доцна, вели главната авторка на студијата, Фатима Ал Рашид, истражувач од Институтот за дијабетес Дасман.
„Нашите наоди ја нагласуваат растечката закана за јавното здравје. Напредокот во технологијата, зголеменото време поминато пред екрани и промените во општествените норми сè повеќе го нарушуваат редовниот циклус на спиење“, вели Ал Рашид.
„Овој нарушен сон има длабоки импликации врз имунитетот и целокупното здравје“. Авторите на студијата нагласуваат дека идните истражувања треба дополнително да ја испитаат врската помеѓу недостатокот на сон и промените во имунолошкиот одговор. Тие се надеваат дека ќе откријат дали одредени интервенции, како структурирани терапии за спиење или ограничување на употребата на технологија, можат да помогнат во ублажување на негативните ефекти.
„На долг рок, целта ни е ова истражување да поттикне политики и стратегии што ќе ја признаат клучната улога на сонот во јавното здравје.
Замислуваме реформи на работното место и едукативни кампањи што ќе промовираат подобри навики за спиење, особено за популациите изложени на најголем ризик од нарушувања на сонот поради технологијата и професионалните обврски“, додава Ал Рашид.
„На крајот, ова би можело да помогне во намалување на ризикот од воспалителни заболувања, како што се дебелината, дијабетесот и кардиоваскуларните болести“, заклучува Фатима Ал Рашид во извештајот објавен во The Journal of Immunology.