Познатиот актер и детски телевизиски водител Бранко Милиќевиќ, познат како Бранко Коцкица (78) доживеал непријатна ситуација по изведбата на претставата „Заспаната убавица“ во белградскиот театар „Пуж“. Според информациите на „Телеграф“, тој паднал на сцената веднаш по завршувањето на претставата.
„Му се слоши додека беше на сцената, се сопна и изгуби свест. Итната медицинска помош пристигна брзо и во свесна состојба беше пренесен во болница. Сега е стабилен“, изјавиле од неговиот театар.
Сега се огласи и самиот актер кој, во изјава за „Информер“, сподели како се случила повредата.
„Не ми се слоши. Се сопнав по скалите зад сцената. Откако си ја удрив главата, ме однесоа во Ургентниот центар да проверат дали сум луд што вака трчам низ театарот“, шеговито изјави актерот, потврдувајќи дека е добро.
„Коцка, коцка, коцкица“ – емисија што го одбележа детството на многумина
Бранко Коцкица е познат како автор и водител на легендарната детска емисија „Коцка, коцка, коцкица“, која првпат се емитуваше на 27 ноември 1974 година. Со над 250 епизоди, оваа програма остави неизбришлива трага во детското телевизиско творештво и се емитуваше со прекини сè до 2006 година. Како „водич“ низ светот на најмладите, Коцкица со група предучилишни деца на интерактивен и едукативен начин ги обработуваше темите за светот што ги опкружува. Неговиот пристап беше иновативен – емисијата беше исполнета со прашања и одговори, игри и музика, а децата активно учествуваа во секоја епизода. Фразата „татата-ти-ра“ стана заштитен знак на емисијата, а песната „У свету постоји једно царство“ остана во сеќавањата на многу генерации. Коцкица секогаш им се обраќаше на децата со „другари“, создавајќи топла и блиска атмосфера што ја правеше „Коцка, коцка, коцкица“ посебна.
Театарот „Пуж“ – најголемото дело на Коцкица
Во 1977 година, Бранко Коцкица го основа детскиот театар „Пуж“, кој и денес е еден од најзначајните центри за детска театарска уметност во Белград. Првично започна како патувачка трупа со претставата „Бранков урнебес“, но брзо се разви во институција што стана омилено место за најмладите љубители на театарот. Коцкица повеќе пати истакнувал дека театарот му е подрагоцен дури и од емисијата „Коцкица“, бидејќи работи 365 дена во годината и постојано нуди нови содржини за децата. Иако е најпознат по работата со најмладите, Бранко Коцкица има и значајна актерска кариера во филмот и театарот за возрасни. Играше во филмови како „Ужичка Република“ и „Сараевски атентат“, а е познат и како единствениот српски актер што ја толкувал улогата на Хамлет во Њујорк, настапувајќи на англиски јазик со американска актерска екипа.
