Кучињата кои постојано чувствуваат глад и се склони кон прекумерна тежина имаат заеднички биолошки карактеристики со некои луѓе кои се подложни на дебелеење, пишува Би-би-си. Ова го откриле британски научници, идентификувајќи генетска причина што ја објаснува зголемената склоност кон прејадување кај многу лабрадори – и кај одредени луѓе. Истражувачите утврдиле дека промените во одреден ген, кој претставува дел од биолошкиот код што го обликува функционирањето на нашето тело, влијаат врз хемиските сигнали во мозокот што ни даваат чувство на ситост. Наодите, објавени во списанието „Саенс“, откриваат значајни сознанија за биологијата на дебелината.
„Проучувајќи ги кучињата, дојдовме до нови и интересни биолошки информации“, вели водечката истражувачка, д-р Елеанор Рафан од Универзитетот во Кембриџ.
Таа истакнува дека ова откритие покажува дека „сопствениците на слаби кучиња не се морално супериорни – истото важи и за луѓето со витка телесна градба“.
„Ако имате висок генетски ризик за дебелина, веројатно ќе се здебелите освен ако не вложите огромен напор за да го спречите тоа. Од друга страна, оние со низок генетски ризик немаат толку голема потреба да се контролираат“, објаснува таа.
Врската меѓу генетиката на луѓето и кучињата беше утврдена преку анализа на ДНК на 250 лабрадори. Истражувачкиот тим барал генетски фактори кои се почести кај кучињата со прекумерна тежина. Како клучен фактор го идентификувале генот DENND1B, кој бил поврзан со поголема телесна маса кај лабрадорите. Подоцна, кога ги анализирале генетските податоци на илјадници луѓе, откриле дека истиот ген е поврзан со поголема телесна тежина и кај луѓето. Пред оваа студија, д-р Рафан нагласува дека „никој не претпоставувал дека овој ген може да биде поврзан со дебелината“. Генот влијае врз мозочните сигнали кои го регулираат чувството на глад.
„Оваа промена го зголемува ризикот од дебелеење бидејќи го менува начинот на кој телото ја регулира гладта и потрошувачката на енергија“, објаснува д-р Рафан.
Овие наоди би можеле да придонесат за развој на нови лекови против дебелината. Сепак, научниците потенцираат дека луѓето – како и сопствениците на кучиња – со оваа генетска предиспозиција мора да вложат многу повеќе труд за да ги ублажат нејзините ефекти. Алис Меклелан, истражувачка од Универзитетот во Кембриџ, додава дека резултатите ја потенцираат „клучната улога на мозочните механизми во контролирањето на апетитот и телесната тежина“. Ова откритие придонесува за пошироко разбирање на биолошките фактори што влијаат врз прејадувањето. Некои современи лекови за слабеење, како што е Оземпик, влијаат на одредени аспекти од оваа биологија и добиваат сè поголема популарност.
„Она што го идентификувавме тука е поинаков биолошки механизам од оној на кој делуваат овие лекови“, објаснува д-р Рафан.
„Но, сето ова укажува на истото клучно сознание – дебелината не е резултат на слаба волја. Некои луѓе имаат генетска предиспозиција која го зголемува нивниот апетит и чувствителноста кон храната, што ги прави посклони кон зголемување на тежината. Ова важи и за луѓето и за кучињата – генетиката може да ги поттикне на прејадување“.