Преку измени на Законот за медиуми, кои сега се во владина процедура, а наскоро ќе влезат во Собрание, ќе се направи обид да се поткрене нивото на професионалност на онлајн медиумите, изјави вечерва министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во интервју за Тема на денот на ТВ Сител.
-Медиуми што имаат импресум, објавен уредник, најмалку тројца вработени и се регистрираат во регистарот којшто ќе го води АВМУ ќе можат да ги уживаат сите права и дома и меѓународно како препознаен медиум. Ова е барање и од ЕУ и наша желба да поставиме определена граница за тоа кој ги информира граѓаните, на кого може да му се верува, а не се оние коишто тоа го прават аматерски или, пак, тоа го прават со злонамера, сакаат да ги злоупотребат граѓаните и да пласираат дезинформации – рече Андоновски.
Министерот посочи и дека сите оние кои што сакаат да продолжат да работат без тројца вработени или не сакаат да се регистрираат во АВМУ, можат да продолжат да работат, нема да имаат никаква пречка за тоа.
– Но, медиумите кои сакаат да се препознаат и да кажат во странство, особено да членуваат во здруженија и.т.н и сакаат да кажат дека се препознаени како онлајн медиуми, треба да им ја дадеме таа можност- рече Андоновски.
Тој најави дека најдоцна до јуни годинава ќе биде изработена Националната ИКТ стратегија, која што се базира на четири клучни столба. Првиот е поврзливост или инфраструктура, вториот се услугите или дигитална трансформација и на бизнис секторот и на јавните услуги, третиот се новите технологии и вештачката интелигенција и четвртиот е дигиталните вештини за граѓаните и за вработените во јавниот сектор. Министерот посочи на соработката со Агенцијата за катастар. Имотниот лист и пет други најкористени услуги од катастарот од оваа недела се достапни на порталот uslugi.gov.mk. Во сите центри за услуги во Скопје, во Општина Аеродром, во Јегуновце, во Куманово, во Охрид, во Битола и во Тетово граѓаните ќе можат да извадат ваков документ преку електронска услуга од катастарот.
– Што значи практично дека шалтерите од катастарот ги прошируваме низ целата држава и во нашите центри за услуги- рече министерот.