Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска отпатува за Саудиска Арабија, каде ќе се сретне со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Во Саудиска Арабија денеска пристигнува и американскиот државен секретар Марко Рубио каде се очекува да се сретне и со саудискиот престолонаследник. Рубио ќе се сретне и со украинската делегација во Саудиска Арабија, составена од шефот на кабинетот на претседателот Андриј Јермак, неговиот заменик Павло Палиса, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха и министерот за одбрана Рустем Умеров, пренесува Укринформ.
Зеленски, сепак, рече дека нема да присуствува на разговорите меѓу американските претставници и украинската делегација, пренесува Ројтерс. Денешните разговори претставуваат прва средба меѓу американски и украински претставници по неодамнешната средба меѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, која, според агенцијата, завршила катастрофално.