Судбината на Тикток во САД е неизвесна од јануари оваа година поради законот кој бара сопственикот БајтДенс да ја продаде популарната социјална мрежа на американски купувач, во спротивно ќе биде недостапна за американските корисници. Законот беше усвоен од администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден, загрижена за кинеската контрола врз споменатата мрежа, поради што тие го гледаа како сериозна закана за националната безбедност. Покрај тоа, САД тогаш изразија загриженост дека кинеските власти би можеле да ја користат огромната база на податоци на Тикток за вознемирување, регрутирање, шпионажа или манипулација со јавното мислење.
Законот стапи на сила на 19 јануари, последниот ден од мандатот на Бајден, кога Американците не можеа да се пријават за Тикток. Но, веќе следниот ден, новиот претседател Трамп потпиша извршна наредба со која се одложува спроведувањето на законот за 75 дена. Имено додека викендов патуваше, американскиот претседател во авионот им рече на новинарите дека наскоро може да се постигне договор во врска со ситуацијата со Тикток. „Имаме четири потенцијални американски купувачи, многу луѓе го сакаат тоа. Сите четири опции се добри“, додаде тој. Во меѓувреме Тикток и БајтДенс не ги коментираа изјавите на Трамп, пренесе Ројтерс. Превирањата околу социјалната мрежа што ја користат речиси половина од Американците привлекоа неколку потенцијални купувачи, вклучувајќи го и поранешниот сопственик на франшизата за бејзбол ЛА Доџерс, Френк Мекорт. Аналитичарите ја проценуваат вредноста на брзорастечкиот бизнис на околу 50 милијарди долари.