Америка наскоро треба да продолжи со размената на разузнавачки информации со Киев, им потврди на новинарите американскиот претседател Доналд Трамп на 9 март во авионот „Ер форс уан“. Директорот на ЦИА Џон Ретклиф во средата објави дека Соединетите Држави го прекинале споделувањето на разузнавачки информации со Украина. Овој потег уследи по одлуката на Вашингтон веднаш да ја замрзне сета воена помош за Украина.
Сепак американскиот претседател Доналд Трамп викендов на прашањето дали ќе стави крај на суспензијата на споделување разузнавачки информации кон Украина, им рече на новинарите „само што не сме“. Трамп, исто така, посочи дека е оптимист за претстојните разговори меѓу американските и украинските претставници во Саудиска Арабија. Делегациите ќе се сретнат во градот Џеда за да разговараат за рамката за потенцијалниот мировен договор меѓу Украина и Русија.