„Најголема поддршка добивам од својата сопруга кога станува збор за осмислување на нови дизајни. Таа е онаа зад сите креативни визии, а јас сум тука да ги реализирам користејќи го своето знаење за 3Д-моделирање“, вели Никола. Модерната технологија внесува новитети во секој аспект од нашиот живот, па така и во сферата на уметноста. Спојот на иновативните технологии и креативноста е резултат од постојаниот напредок на човечкиот ум и љубопитноста која никогаш не згаснува. Никола Савиќ и неговата сопруга Марика доаѓаат од различни професионални сфери, но инспирирани од љубовта кон креативноста и иновациите тие одлучуваат да го започнат својот мал бизнис наречен „Шибуи концепт“. Благодарение на нивната страст кон уметноста и технологијата тие изработуваат 3Д-печатени декоративни предмети кои ги разубавуваат домовите на голем број клиенти.
Никола, кога кај Вас се роди љубовта кон уметноста и креативната работа? – Љубовта кон уметноста и креативноста се роди преку играње видеоигри, кои мислам дека не се само форма на забава, туку и уметност сами по себе. Со текот на времето, таа фасцинација прерасна во желба да сфатам како се прават тие игри, како настануваат ликовите, нивните светови и приказни. Тој интерес постепено ме одведе и во светот на 3Д-моделирање.

Како дојдовте до идејата да изработувате декоративни предмети со 3Д- принтер? – Идејата да изработуваме декоративни предмети со 3Д-принтер дојде природно поради мојот интерес за уметност и технологија. Имам завршено графичко инженерство во Нови Сад, а веќе и неколку години работам по струка, па последователно, почнав да размислувам како би можел да ја искористам оваа технологија за да направам нешто естетски привлечно, но и корисно.

Каде ја црпите инспирацијата за дизајнот на Вашите 3Д-изработки и дали прифаќате сугестии од клиентите? – Идејата за дизајн често ја црпам од секојдневниот живот и инспирација од луѓето околу мене. Најголема поддршка добивам од мојата сопруга кога станува збор за осмислување на нови дизајни. Таа е онаа зад сите креативни визии, а јас сум тука да ги реализирам користејќи го своето знаење за 3Д-моделирање. Заедно создаваме единствени и функционални предмети, бидејќи таа има смисла за естетика, а јас ги имам техничките вештини. Секако, се случува да примаме сугестии и од клиентите, или пак да изработиме нешто што е целосно нивна идеја.

Вашиот асортиман на 3Д-изработки е уникатен и разновиден. Раскажете ни како изгледа и колку трае процесот на изработка, на пример, на една вазна? – Самиот процес почнува со идејата за тоа како ќе изгледа нашиот следен модел, па понатаму до реализација на истата. Се користи посебен софтвер, а времетраењето варира. За едноствани предмети како вазна, не е потребно многу време, но доколу се работи за нешто покомплексно и со повеќе детали, тогаш може да трае и неколку часа. Кога ќе се заврши моделирањето, се преминува на 3Д-печатење, што исто може да трае од еден до неколку часа во зависност од самиот модел.

Според Вашето искуство, колку малите бизниси се ценети кај нас? И дали може да се живее од креативна работа? – Верувам дека луѓето сè повеќе ги ценаат и поддржуваат малите бизниси. Ние лично, за краток временски период успеавме да создадеме лојална клиентела, која често ни дава сугестии, мислења за нашите производи, која нè поддржува и директно преку нарачки итн. Секако, верувам дека е најважно да работиш нешто со волја и страст. Ако внесете ентузијазам во она што го создавате, ќе бидете исполнети на духовно ниво. Во однос на тоа дали може да се живее од креативна работа, нам ова моментално не ни е примарен извор на финансии, така што сме задоволни со каква било заработка.

Кој е Вашиот совет до младите креативци кои имаат талент, но немаат доволно храброст да ги претстават своите рачни изработки? – Ризикувајте, создавајте, верувајте си. И да не успее, ништо страшно. Важно е дека сте пробале!

Никола и Марика ќе подарат 3Д-печатени декоративни предмети на двајца читатели на „Слободен печат“. Доколку ви се допадна нивната приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!