Попладнево е уапсен бизнисменот и поранешен директор на спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски“, објавија повеќе медиуми. Според неофицијални информации, Капушевски е приведен од неговиот дом, каде полицијата и натаму врши претрес.
„Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност (БЈБ), МВР, во координација со ОЈО за ГОКК, по наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителна набавка на деривати, штета од големи размери на буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето“, велат од полицијата, без да откријат повеќе детали.
Засега нема информации ниту за тоа за какви дела е осомничен бизнисменот и поранешен политичар. Полициски извори велат за „МКД.мк“ дека станува збор за разоткриена мрежа на увозници кои противзаконски испорачувале гориво со низок квалитет, кои се сериозен ризик за здравјето на граѓаните и една од главните причини за зголеменото аерозагадување. Капушевски во 2014 година ја напушти државната служба и потоа работеше како проект- менаџер во канцеларијата на контроверзниот руски бизнисмен Сергеј Самсоненко во Скопје, пред да го започне својот енергетски бизнис. За името на Капушевски повеќепати беа врзувани контроверзни тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции, а неговата компанија, РКМ, во последните години добиваше јавни набавки вредни стотици милиони евра.