Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп верува дека украинското раководство е „подготвено да напредува“ во процесот за прекин на огнот со Русија, согласно барањата на САД, изјави за Би-Би-Си висок претставник на американскиот Стејт департмент. Американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц треба да пристигнат во Саудиска Арабија, каде што во вторник ќе одржат разговори со украинските претставници. Претседателот Доналд Трамп го зголеми притисокот врз својот украински колега Володимир Зеленски да прифати брз прекин на огнот со Москва, но без да понуди конкретни безбедносни гаранции од САД. Пред десет дена, двајцата лидери јавно се судрија во Белата куќа, при што Трамп изјави дека Зеленски не е подготвен да го прекине конфликтот. Рускиот претседател Владимир Путин ја започна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година, а Москва моментално контролира околу 20 отсто од украинската територија.
„Фактот што тие доаѓаат овде на високо ниво е добар показател за нас дека сакаат да седнат на маса и дека се подготвени да напредуваат“, вели за Би-Би-Си официјален претставник на Стејт департментот. Иако Зеленски исто така ќе биде во Саудиска Арабија за средба со принцот престолонаследник Мохамед бин Салман, тој не се очекува формално да учествува во разговорите со Американците. Украинскиот тим ќе биде претставен од шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, како и од советникот за национална безбедност, министерот за надворешни работи и министерот за одбрана.
Во своето видео-обраќање доцна во неделата, Зеленски изјави: „Се надеваме на резултати – и во приближување на мирот и во продолжување на поддршката“.
Зеленски е под силен американски притисок да направи отстапки пред почетокот на било какви мировни преговори, додека тој инсистира на цврсти безбедносни гаранции за Киев, потенцирајќи дека Путин ги прекршил претходните договори за прекин на огнот. Дали САД вршат сличен притисок врз Москва да направи отстапки не е јавно обелоденето. Набргу по инцидентот во Белата куќа, Зеленски изрази жалење за случката и се обиде да ги поправи односите со САД – најголемиот снабдувач на Украина со воена помош.
Специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, подоцна изјави дека Трамп добил писмо од Зеленски во кое имало „извинување“ и „израз на благодарност“. Виткоф додаде дека во Саудиска Арабија американскиот тим сака да дискутира за „рамка“ за мирно решение на војната меѓу Русија и Украина. Исто така, се очекува повторно да се разгледа договорот за минерални суровини, чие потпишување беше сопрено. Украина им понуди на САД пристап до своите резерви на ретки минерали во замена за безбедносни гаранции од Вашингтон. Расправијата во Белата куќа резултираше со тоа што САД ја прекинаа целата воена помош за Украина и ја сопреа размената на разузнавачки информации.
Но, кога во неделата беше запрашан дали размислува за укинување на оваа забрана, Трамп одговори: „Па, речиси го направивме тоа. Навистина, речиси го направивме, и сакаме да направиме сè што можеме за Украина да биде сериозна во постигнувањето на некаков договор“. Тој не даде дополнителни детали.
На 18 февруари – пред расправијата меѓу САД и Украина во Вашингтон – Рубио оствари средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Саудиска Арабија. Оваа средба беше продолжение на контроверзниот телефонски разговор меѓу Трамп и Путин.