Израелските воздухопловни сили оваа недела одржаа заедничка вежба со американските воздухопловни сили. Порталот „Тајмс оф Израел“ оценува дека станува збор за вежба која има за цел да ја подготви израелската војска за потенцијален заеднички напад со САД врз Иран. За време на вежбата, пилотите вежбаа оперативна координација меѓу двете војски за да ја подобрат нивната способност да одговорат на различни регионални закани. Во вежбата учествуваа израелски борбени авиони Ф-15И и Ф-35И кои летаа со американски бомбардер Б-52. Израелската војска веќе изврши два напада врз Иран без американска поддршка, но најверојатно ќе ѝ требаат капацитетите на американските бомбардери Б-52 за ефективно да ги погодат силно утврдените подземни нуклеарни локации на Иран, пишува медиумот.
Aмерикански „Блумберг“ неодамна објави дека Трамп за време на телефонскиот разговор со Путин зборувал и за Иран и за иранската нуклеарна програма. Во статијата се вели дека Путин ќе му помогне на Трамп да ги оствари преговорите со Иран. Наводно, за ова се разговарало и на американско-руската средба која неодамна се одржа во Ријад во Саудиска Арабија.