Украинскиот претседател Володимир Зеленски нема да учествува на денешните мировни преговори меѓу украинските и американските претставници во Саудиска Арабија, но разговараше со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман за време на вчерашната посета на земјата. Зеленски го опиша разговорот како „добар“ и изрази благодарност до саудискиот престолонаследник за неговиот „мудар поглед на глобалните настани и поддршката за Украина“.
„Особено е важно да се слушнат зборовите на доверба во иднината на Украина пред да ја напуштам Саудиска Арабија“, додаде украинскиот претседател. Во меѓувреме Саудиска Арабија се наметнува како посредник во војната меѓу Украина и Русија. Владата на Бин Салман игра посредничка улога меѓу Украина и Русија, а Зеленски ја истакна важноста на Саудиска Арабија во мировните напори, соопштија надлежните од Ријад. „Саудиска Арабија обезбедува клучна платформа за дипломатија и ние го цениме тоа“, соопштија властите. Во пресрет на преговорите во Џеда, вчера со Бин Салман се сретна и американскиот државен секретар Марко Рубио.