Претресите кои беа дел од вчерашната акција на полицијата во која се опфатени бизнисменот и поранешниот директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски траеле цела ноќ и се уште се работи на кривичната пријава. Сè уште нема предлог-мерки за осомничените и не се изведени пред судија на претходна постапка, дознава „Слободен печат“. Акцијата се спроведуваше против компании и поединци кои набавувале мазут, а којшто го загрозува здравјето на граѓаните и животната средина. -Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при БЈБ, МВР во координација со ОЈО за ГОКК по Наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати, штета од големи размери за буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето – соопшти вчера МВР.
Од Основното јавно обвинителство ГОКК подетални информации најавуваат во текот на денов. Ратко Капушевски во 2014 година ја напушти државната служба и започна работа како проект-менаџер во канцеларијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Потоа, се посвети на енергетскиот сектор и неговата компанија, РКМ, која во последните години добиваше јавни набавки во вредност од стотици милиони евра. Неговото име беше поврзувано со контроверзни тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции. Јахоски пак е сопственик на „Пуцко петрол“ и син на пратеникот Исмаил Јахоски.