СДСМ како одговорна опозиција минатата недела постави прашања каде завршуваат парите од унгарскиот кредит, којшто во поголем дел е наменет за поддршка на општините. Во таа насока се отвораат серија прашања, кои се однесуваат за општина Аеродром, и тие се поврзани со неколку јавни набавки. Убаво ќе беше градоначалникот да е тука да го одговори. Познато е во јавноста дека Владата одобри средства за 7 од вкупно 18 проекти, со којшто општината аплицираше во министерството за локална самоуправа. И тие средства се од таканаречениот унгарски кредит за којшто сите многу добро знаеме колку ги чини граѓаните на Македонија и колкави се каматите.
За 3 од 7 проекти во последните 3 месеци спроведени се јавни набавки во вкупна вредност од колку 1, 8 милиони евра кои ги добива иста фирма. Од овие три склучени се два договори. Санација на сквер зад ТЦ Капитол во вредност од над 700 илјади евра, и реконструкција на јавни пешачки површини во вредност од над 400 илјади евра. И донесена е одлука за избор на најповолна понуда, но сè уште не е склучен договор, за јавната набавка за реконструкција на улици и тротоари во населба Лисиче од неколку стотини илјади евра. Значи двата склучени договори и одлуката за избор имаат една заедничка работа, а тоа е носителот на набавката, фирмата „Примад Билдинг солушн“.
Како член на советот имам обврска во насока на заштита на интересите на нашите сограѓани од Аеродром да поставам неколку прашања, за веќе спроведените јавни набавки. Колку понудувачи се јавија на овие три конкретни јавни набавки? Како е спроведена електронската аукција, дали е намалена цената, бидејќи имам информација, дека не е. Ако е намалена, за колку е намалена цената на овие набавки при електронската аукција, ако не зошто не е? Ако има повеќе понудувачи, а не ја спуштаат цената, интересно е да се дознае зошто не е намалена? Ова го прашувам од причина што „Примад Билдинг солушн“ во последните три години има добиено повеќе од 10 тендери во општина Аеродром, имајќи предвид дека има повеќе такви компании кои се занимаваат со слична дејност. Верувам ќе се согласите дека доколку една иста компанија во една институција за 3 години добива повеќе од 10 тендери, сепак, се отвораат многу прашања, особено кога се вакви големи тендери, како последниве 3 и кога има големи суми пари на граѓаните, каде доделуваме на најповолен понудувач, а при тоа во електронската аукција, не се намалуваат средстава.
Значи, логично е да постави прашањето, како оваа фирма ги добива и со право прашуваме, како се трошат парите на граѓаните.