Министерството за финансии силно опстојува на напорите за фискална консолидација која е дефинирана со Фискалната стратегија 2025-2029. Во 2024 година реализиравме буџетски дефицит понизок од проектираниот со ребалансот на Буџетот за 2,5 милијарди денари, односно ниво од 4,4% од БДП наместо проектираниот од 4,9%. Јавниот долг на крајот на 2024 беше понизок од проектираниот и годината ја завршивме со јавен долг на ниво од 61,9% од БДП, а веќе од јануари 2025 година тој е под 60% од БДП, односно 58,4% од БДП по успешно реализираната отплата на Еврообврзницата издадена во 2018 година. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која се обрати на отворање на Конференцијата посветена на Фискалното управување на ЕУ и улогата на Фискалниот совет, во организација на Фискалниот совет.
Таа додаде дека со Буџетот за 2025 година тој тренд на фискална консолидација продолжува и дека патоказот за постигнување на фискална консолидација е Законот за буџети, со кој се утврдени и фискални правила. Министерката при тоа потсети дека во 2024 година отстапувањето од фискалните правила е поради недоволно обезбедени средства за обврски кои биле преземени од претходната Влада, како и доспеани и неплатени обврски кои беа сервисирани преку Ребаланс на Буџетот. „Во 2025 година, како што наведе, отстапувањето од ова правило е во функција на развојот и реализација на инвестициите, како што се Коридор 8 и 10 (0,8% од БДП), локални инфаструктурни проекти (0,6% од БДП) и инвестиции во одбраната (0,5% од БДП)“, истакна министерката. Таа потенцира дека се работи на реформите во јавните финансии, донесени се повеќе подзаконски акти, покрај Законот за буџети, и дека во спроведување на тие реформи важна улога има и Фискалниот совет, со кој има воспоставена континуирана соработка, а кој како независна институција обезбедува независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки, фискалната стратегија, буџетот, извештаите за реализација на буџетот, фискалните ризици и слично кои можат да имаат придонес при креирањето на политиките.