Сега следно или ќе треба процесот или да се истера отпочеток, со објава на нов тендер или, пак, со паркингот да стопанисува Службата за заеднички и општи работи при Клинички центар, велат во кабинетот на Таравари. Поради реакциите во јавноста во врска со фирмата „Ѓока констракшн“ од Албанија, која требаше да стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар, министерот за здравство Арбен Таравари одлучи да се откаже од оваа фирма и да бар друго чаре за паркингот на оваа локација. Извесно е дека ќе се распише нов тендер на кој ќе избира друга фирма за оваа намена, потврдија за Мета од неговиот кабинет. „Сега следно или ќе треба со паркингот да стопанисува Службата за заеднички и општи работи при Клинички центар, или пак, процесот да се истера отпочеток, со објава на нов тендер“, рекоа во кабинетот на Таравари.
Фирмата „Ѓока констракшн“ од Албанија беше единствената која се пријавила на распишаниот повик, а требаше да стопанисува со паркингот во Клинички центар. Тарвари во изјава за медиумите пред 4 дена кажа дека не знае какво портфолио има фирмата, по информациите дека 20 години оваа фирма треба да стопанисува со паркингот на Клинички. Таравари рече дека го интересирало само дали фирмата ги исполнува условите. „Договорот за користење на паркингот на Клинички центар не е потпишан, а треба да помине и филтерот на Влада, но ако и од таму и од јавноста се смета дека договорот не треба да се реализира, нема да биде потпишан“, кажа тој. Тој зборуваше и за цената која била понудена, за еден час паркинг – 50 денари, за која оцени дека не е висока.
„Сметам дека тоа не е превисока цена за Скопје. Тука имавме возачи кои ги остава аавтомобилите овде и потоа после излегуваа во град. Имајќи предвид и какви се цените мислам дека цената не е лоша. Најдобро е 0 денари да биде, ако најдете таков понудувач, одлично ќе биде. 50 денари мислам дека е пристојна цена, затоа што пред „Нова Македонија“ е 40 денари. Во Скопје има цени за паркинг кои се 100 денари, 150 денари“, додаде Таравари. Ако беше потпишан договор со „Ѓока констракшн“, тие ќе имаа обврска да изградат катни гаражи за шест месеци до една година. Извор: Новинска агенција МЕТА